РЕЖИСЕРОТ МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ЌЕ СНИМА ПРВ МАКЕДОНСКИ ФИЛМ ПО ОСУМ ГОДИНИ

    РЕЖИСЕРОТ МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ЌЕ СНИМА ПРВ МАКЕДОНСКИ ФИЛМ ПО ОСУМ ГОДИНИРежисерот Милчо Манчевски на снимањето на неговиот петти филм „Бикини Мун“ во Њујорк, со кинематограферот Џошуа Вајнстин и актерките Кондола Рашад и Сара Голдберг (Фото: Фејсбук)

    Режисерот Милчо Манчевски ќе го снима првиот македонски  филм после осум години, по „Мајки“ во 2010. Најнаградуваниот македонски автор е поддржан со 1, 2 милиони евра од Агенцијата за филм на Македонија за неговиот шести филм „Врба“, во продукција на „Сектор филм“ и продуцентот Владимир Анастасов-Вац.

    Последниот филм на Манчевски „Бикини Мун“ е американско-германска копродукција и пред три месеци имаше светска премиера на фестивалот во Сао Пауло, а наскоро ќе има и кино-дистрибуција низ светот. Пред „Бикини Мун“, изминативе години Манчевски во Њујорк го сними кусиот „Четврток“, а во Куба експерименталниот краток „Крајот на времето“.

    Агенцијата за филм денес ги објави резултатите од последниот конкурс објавен на 22 ноември, според кој се одобрени: 3 долгометражни играни филмови, 5 долгометражни копродукциски проекти со македонски малцински удел, 2 документарни долгометражни филмови, 5 краткометражни играни филмови, и по 1 краткометражен документарен и анимиран филм.

    Покрај Манчевски, долгометражни играни филмови со македонски мнозински удел ќе снимаат и Вардан Тозија, филмот со наслов „М“ во продукција на „Фокус покус“ (330 илјади евра) и дебитантката Дина Дума со „Сестра“ во продукција на „Круг филм“ на Марија Димитрова и Дејан Крајчевски (околу 300 илјади евра).

    Во категоријата долгометражни играни филмови со македонски малцински удел, поддржани се проектите на Горан Дукиќ со „Вертиго визуал“ за „Таја носеше црвена шамија“ (250.000 илјади евра), Блерта Башоли со „Црна мачка продукција“ за „Улиште“ (50.000 евра), Словенецот Метод Певец со копродуцентот „Смал мовес“ на Светозар Ристовски „Одиме во партизани“ (250.000 илјади евра), Виктор Чучков со „Сектор филм“ за „18 % сиво“ (250.000 илјади евра) и Бесник Биша со „АРБ филм“ за „Неповратно лето“ (55.000 евра).

    Режисерите Игор Иванов, Агим Абдула и Георги М. Унковски ќе снимат кратки играни филмови со македонски мнозински удел: „Љубовникот“ (32.000 евра), „Совест“ (35.000 евра) и „Налепница“ (25.000 евра).

    Даријан Пејовски е поддржан со 32.000 евра за краткиот документарец со македонски мнозински удел „Скопскиот Феникс“, во продукција на „Црна мачка“, а Иван Ивановски доби 16.000 евра за краткиот анимиран филм „Јадица“, во продукција на „ Флип бук“.

    Од Агенцијата додаваат дека на конкурсот пристигнале вкупно 73 филмски проекти, меѓу кои 48 долгометражни и 25 краткометражни филмови. Дванаесет проекти по различни основи не ги исполниле условите за да влезат во процесот на евалуација.

    По процесите на одлучување, врз основа на бодувањето од професионалните рецензенти не поминале 26 апликации, вклучувајќи долгометражни и краткометражни играни, документарни и анимирани филмови.

    „Можеме да констатираме дека најавените засилени критериуми според кои ќе се оценуваат филмските проекти, а во насока на подобрување на квалитетот и успехот на македонската кинематографија, меѓу авторите и продуцентите се забележува продуктивен креативен потенцијал, доминираат современи теми кои можат да бидат препознатливи и допадливи и на домашната и на светската публика. Нагласените историски и локални теми кои го забавија развојот на нашата кинематографија, овој пат не беа премногу застапени и евидентно авторите секој според својот афинитет и сензибилитет, слободно се изразува и осмислува сценарија што можат да комуницираат со европската и светската публика“, соопшти Агенцијата.

    До крајот на месецов ќе биде отворен следниот конкурс.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира