По 14 години реновирање, бројни одложувања и трошоци што надминаа трикратно од првично предвиденото, културниот комплекс во Келн – кој опфаќа театар, главна оперска сала и детска опера – повторно ги отвори вратите.
„Со повторното отворање на нашите театри, му го враќаме на градот централното место за средби, инспирација и уметничка слобода, кое им припаѓа на сите жители на Келн“, изјави градоначалникот Торстен Бурместер.
Дизајниран од Вилхелм Рифан и отворен етапно помеѓу 1957 и 1962 година, комплексот составен од оперска куќа, театар и тераси стана повоено обележје на граѓанската култура. До почетокот на 2000-тите години, зградите беа дотраени. Техничките системи не ги задоволуваа современите стандарди, заштитата од пожар беше на незадоволително ниво, а сцените веќе не можеа да одговорат на барањата на современите продукции. Градот одлучи да спроведе целосна реконструкција наместо целосна замена на објектите.
Реновирањето траеше од 2012, а вкупните градежни трошоци на крајот достигнаа околу 800 милиони евра – што е повеќе од тројно во однос на првичниот буџет од 250 милиони евра и планираното отворање во 2015 година. Бидејќи изградбата се одолговлекуваше со години, таа голташе сè повеќе средства и ги принуди операта и театарот да се преселат на други локации. Вкупни трошоци за проектот достигнуваат дури 1,5 милијарди евра, ако се вклучат привремените објекти и финансирањето.
Отворањето се одбележува со богата програма за посетителите, која вклучува музика, танц и интерактивни активности. Викендот на отворањето заврши со концерт во оперската сала и настап на ансамблот на Операта во Келн, оперскиот хор, оркестарот „Гирцених“ и бендот „Касала“.
Неделава операта и театарот се вратија во својот матичен простор по повеќе од една деценија отсуство, а денеска ќе следи изведба на првата опера – „Витезот со розата“ од Рихард Штраус.



