ПО 35 ГОДИНИ ЌЕ СЕ РЕИЗДАВА КУЛТНИОТ ИСТОИМЕН АЛБУМ НА „БАСТИОН“, ПРОМОЦИЈА НА 9 МАРТ

    ПО 35 ГОДИНИ ЌЕ СЕ РЕИЗДАВА КУЛТНИОТ ИСТОИМЕН АЛБУМ НА „БАСТИОН“, ПРОМОЦИЈА НА 9 МАРТ„Бастион“ е единствениот снимен материјал што произлезе од кратката соработка помеѓу Ана Костовска, Кирил Џајковски и Љубомир Стојсављевиќ и Милчо Манчевски

    Албумот „Бастион“ на истоимената скопска група, едно од култните изданија на македонската музичка сцена, повторно ќе биде издаден на плоча на 16 март, за што е заслужна издавачката куќа „АЦЦ рекордс“.

    Промоцијата на реизданието ќе се одржи на 9 март во Младински културен центар во Скопје, со почеток во 21 часот, при што ќе бидат присутни сите членови на бендот. Посетителите ќе имаат можност да ја купат плочата по промотивна цена, една недела пред нејзиното официјално објавување.

    „Бастион“, кој содржи осум песни, е снимен во Скопје во 1983 година, а официјално издаден наредната година од „ПГП-РТБ“, на српски јазик. Овој албум е единствениот снимен материјал што произлезе од кратката соработка помеѓу пејачката и актерка Ана Костовска, музичарите Кирил Џајковски и Љубомир Стојсављевиќ и филмскиот режисер Милчо Манчевски, кој беше автор на текстовите, а го сними и спотот за „Жежок ден во Мексико“ (Hot Day in Mexico). Низ годините, албумот доби легендарен статус и никогаш не загуби од својата свежина, а групата го понесе епитетот „македонска електро-поп сензација“.

    „Холивуд“, „Мистер Комплекс“, „Деца на Сонцето“ (Деца Сунца), „Месечина во шолја“ (Месец у шољи),„Молитва“ се култните песни кои се популарни до денес.

    За реизданието е снимено и видео за „Деца на Сонцето“.

    „Бастион“ е првото издание на „АЦЦ рекордс“, зад која стои Флора Питроло, чија цел е пронаоѓање на поопскурна електронска музика од 1980-ите години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира