ПО ПЕТ ГОДИНИ КОНЗЕРВАЦИЈА, СЛЕДИ ФИНАЛНАТА САНАЦИЈА НА СПОМЕН-КУЌАТА НА ЛАЗАР ЛИЧЕНОСКИ ВО СКОПЈЕ

    ПО ПЕТ ГОДИНИ КОНЗЕРВАЦИЈА, СЛЕДИ ФИНАЛНАТА САНАЦИЈА НА СПОМЕН-КУЌАТА НА ЛАЗАР ЛИЧЕНОСКИ ВО СКОПЈЕДиректорката на Националната галерија Дита Старова-Ќерими и директорот на Конзерваторски центар-Скопје Коле Чапкановски во Спомен-куќата на Личеноски. (Фото: НГСМ)

    По пет години преадаптација, конзервација и ревитализација, во Спомен-куќата „Музеј Лазар Личеноски“ во Скопје наскоро ќе следи финалната фаза со санирање на водоводната, топловодната и електричната инсталација. Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ) вели дека досега се завршени проектите за конзервација на движниот културен материјал: сликарски, мозаичен, етнолошки и библиотечен.

    „Застојот годинава беше поради севкупната криза со пандемијата од ковид-19, но и отсуството на волја за целосно финиширање на овој проект во изминатите две-три години“, велат од НГСМ.

    Адаптацијата на куќата е во надлежност на Конзерваторскиот центар – Скопје.

    „Откако се обезбеди надзор за хидроинженер, се започнува со инсталациите, а се надеваме дека во 2021 ќе се продолжи со интензивна динамика за ставање во функција на овој објект, обележје на великанот на македонската уметност, Лазар Личеноски. Националната галерија веќе има доставено и апликации во рамките на Предлог-годишната програма за 2021 за реализација на конзерваторските проекти и непосредна конзервација чија динамика ќе зависи од буџетот на проектите, односно од финансиската поддршка која би ја добиле од Министерството за култура“, вели директорката Дита Старова-Ќерими.

    Министерката за култура Ирена Стефоска денеска во Владата го презентираше Предлог-буџетот за 2021, кој изнесува 3.276.430.000 денари, а средствата наменети за финансирање на проекти од национален интерес во културата во 2021 година изнесуваат 970.100.000 денари

    Таа кажа дека во рамки на буџетот за култура од следната година се отвора нова програма – „Културно наследство во опасност“ за која ќе бидат издвоени 12 милиони денари.

    „Во поглед на остварувањето на приоритетите во заштитата, Курбиново е на врвот. Како приоритет се наметнува и заштитата на црквата во Матејче, проблем кој е актуелен веќе дваесет години. Тука е и конзервацијата на Лешочкиот манастир. Лично отидов во Градскиот конзерваторски центар за да видам до каде е проектот за конзервација на Аквадуктот. Имам добра вест, идејниот проект за конзервација на Аквадуктот е завршен, а основниот проект ќе биде готов за две недели“, рече Стефоска и додаде дека започнува и санацијата на куќата на Личеноски, како и санациите на неколку спомен-куќи низ државава, како и на Центарот за култура во некогашната куќа на Нијази бег во Ресен.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира