ПО ТРИ НЕДЕЛИ ДОЦНЕЊЕ ПОРАДИ НИВЕЛАЦИЈАТА, ВРАБОТЕНИТЕ ВО КУЛТУРАТА ЌЕ ЗЕМАТ ПЛАТА ДО КРАЈОТ НА НЕДЕЛАТА

    ПО ТРИ НЕДЕЛИ ДОЦНЕЊЕ ПОРАДИ НИВЕЛАЦИЈАТА, ВРАБОТЕНИТЕ ВО КУЛТУРАТА ЌЕ ЗЕМАТ ПЛАТА ДО КРАЈОТ НА НЕДЕЛАТАЗаменик-министерот за култура, актерот Владимир Лазовски кој на функцијата дојде од Театарот за деца и младинци, од почетокот активно работи на процесот за нивелација на платите во културата што се изведува по усвојувањето на одлуката на Владата. (Фото: Влада на РСМ)

    Со задоцнување од три недели, вработените во културата до крајот на неделава ќе ја добијат априлската плата, вели Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК. Исплатата на априлската плата доцни поради нивелацијата на платите во културата, која беше усвоена на седницата на Владата на 14 мај. Со нивелацијата на платите се опфатени сите вработени во културата, односно вработените во националните установи и вработените во локалните установи од областа на културата.

    „Нивелацијата е исклучително сложен процес кој се однесува за сите позиции и за сите занимања во културата. Ја разбираме вознемиреноста на вработените во културата, но истакнуваме дека процесот е во завршна фаза, односно до крајот на неделата се очекува да бидат исплатени платите во целост. За Министерството за култура е најважно сите средства да бидат исплатени согласно Законот и согласно колективните договори на институциите во културата. Целта е да бидат отстранети сите можни пречки, во насока на непречена исплата во иднина“, ни одговорија од кабинетот на министерот во оставка Асаф Адеми.

    Со нивелацијата, осумдесет отсто од вработените во културата, или 2.899 лица, ќе имаат зголемени плати почнувајќи од платата за април 2019, објавија премиерот Зоран Заев и Адеми по седницата на 14 мај.

    „Нивелирањето значи дека отсега, на пример, актер од прва категорија во Струмички театар ќе зема иста плата со актер од прва категорија од Македонскиот народен театар (МНТ), или пак тон мајстор од Велешки театар иста плата со тон мајстор од Драмски театар. Конзерватор од Гостивар ќе зема иста плата со конзерватор од Националниот конзерваторски центар“, велат културните работници за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Според претседателката на Синдикатот на културата (СКРМ) Сања Арсовска, нивелацијата значи дека околу 80 отсто од вработените ќе имаат повисоки плати, односно порамнети со останатите кои за исто работно место со иста сложеност на работата во дејноста досега земале повисоки плати, како и конечна финансиска валоризација на вработените кои со години имаат решенија за повисоко работно место, а земаат плата за пониско.

    „Оваа разлика во плати е настаната заради селективното унапредување во минатото и произволно доделување на коефициенти на сложеност, различни, за исти работни места. Свесни сме дека нивелацијата не го решава проблемот со платите во културата и дека постои разочарување кај одреден број на вработени чии плати се покачуваат минимално или остануваат исти, во со вака воспоставен систем, можат само да се затвораат дупки. Темелно решение ќе се постигне со нов колективен договор кој се планира да биде потпишан во текот на годината, а да се спроведува од јануари 2020“, напиша Арсовска на Фејсбук.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари