ПОВИСОКИ ПЛАТИ ЗА 80 ОТСТО ОД ВРАБОТЕНИТЕ ВО КУЛТУРАТА, ВЛАДАТА ГО УСВОИ ПОРАМНУВАЊЕТО ШТО ГО БАРАШЕ СИНДИКАТОТ

    ПОВИСОКИ ПЛАТИ ЗА 80 ОТСТО ОД ВРАБОТЕНИТЕ ВО КУЛТУРАТА, ВЛАДАТА ГО УСВОИ ПОРАМНУВАЊЕТО ШТО ГО БАРАШЕ СИНДИКАТОТНивелацијата значи дека околу 80 отсто од вработените ќе имаат повисоки плати, односно порамнети со останатите кои за исто работно место со иста сложеност на работата во дејноста досега земале повисоки плати; – Од отворањето на Мајските оперски вечери на 9 мај (Фото: К. Попов)

    Осумдесет отсто од вработените во културата, или 2.899 лица, ќе имаат зголемени плати почнувајќи од платата за април 2019, објавија премиерот Зоран Заев  и министерот за култура во оставка Асаф Адеми на нивните фејсбук профили. На денешната седница, Владата ја усвоила информацијата за нивелација на платите на вработените во институциите од областа на културата, по дејности. Со нивелацијата на платите се опфатени сите вработени во културата, односно вработените во националните установи и вработените во локалните установи од областа на културата.

    „Нивелирањето значи дека отсега, на пример, актер од прва категорија во Струмички театар ќе зема иста плата со актер од прва категорија од Македонскиот народен театар (МНТ), или пак тон мајстор од Велешки театар иста плата со тон мајстор од Драмски театар. Конзерватор од Гостивар ќе зема иста плата со конзерватор од Националниот конзерваторски центар“, велат културните работници за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Им честитам на културните работници и уметници за заслуженото, продолжуваме да работиме на подигањето на стандардот во културата. Културата е еден од столбовите на нашето заедничко општество“, напиша Заев.

    Според претседателката на Синдикатот на културата (СКРМ) Сања Арсовска, нивелацијата значи дека околу 80 отсто од вработените ќе имаат повисоки плати, односно порамнети со останатите кои за исто работно место со иста сложеност на работата во дејноста досега земале повисоки плати, како и конечна финансиска валоризација на вработените кои со години имаат решенија за повисоко работно место, а земаат плата за пониско.

    „Оваа разлика во плати е настаната заради селективното унапредување во минатото и произволно доделување на коефициенти на сложеност, различни, за исти работни места. Свесни сме дека нивелацијата не го решава проблемот со платите во културата и дека постои разочарување кај одреден број на вработени чии плати се покачуваат минимално или остануваат исти, во со вака воспоставен систем, можат само да се затвораат дупки. Темелно решение ќе се постигне со нов колективен договор кој се планира да биде потпишан во текот на годината, а да се спроведува од јануари 2020“, напиша Арсовска неодамна на Фејсбук.

    Синдикатот на културата во изминативе години повеќепати најавуваше протести и одржа неколку прес-конференции на кои го изразуваше незадоволството и револтот од непотпишувањето на колективниот договор и необезбедувањето на средства во буџетот за следната година, по однос на зголемување на плати за вработените во културните и уметничките институции.

    „СКРМ како синдикат успеа да ја разбуди летаргичноста во Министерството за култура и сите мали поместувања во позитивна насока се наша заслуга. Продолжуваме со нашата настојчивост, решителност за решавање на проблемите и агресивноста во мониторирање на работата на Министерството за култура“, вели Арсовска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари