АКО НЕ СЕ ЗГОЛЕМАТ ПЛАТИТЕ ВО КУЛТУРАТА ДО 31 ДЕКЕМВРИ, СИНДИКАТОТ ЌЕ ГИ БЛОКИРА ИНСТИТУЦИИТЕ ПОСЛЕ НОВА ГОДИНА

    АКО НЕ СЕ ЗГОЛЕМАТ ПЛАТИТЕ ВО КУЛТУРАТА ДО 31 ДЕКЕМВРИ, СИНДИКАТОТ ЌЕ ГИ БЛОКИРА ИНСТИТУЦИИТЕ ПОСЛЕ НОВА ГОДИНАОд протестот на Синдикатот на културата во мај годинава (Фото: Фејсбук-Синдикат за култура)

    Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) го продолжи рокот за протестирање и најави дека ако до 31 декември не се обезбедат средства за нивелирање на платите на уметниците и културните работници, во новата година ќе почнат со блокирање на институциите и излегувањето на улица. Синдикатот годинава одржа неколку прес-конференции на кои го изразува незадоволството и револтот од непотпишувањето на колективниот договор и необезбедувањето на средства во буџетот за следната година, по однос на зголемување на плати за вработените во културните и уметничките институции.

    РАБОТНИЦИТЕ ВО КУЛТУРАТА НЕ ГО ДОБИВААТ ЗАСЛУЖЕНОТО ПОРАДИ НЕРАБОТНИЦИТЕ СО ПАРТИСКА КНИШКА, ВЕЛАТ ОД СИНДИКАТИТЕ НА КУЛТУРАТА

    СИНДИКАТОТ НА КУЛТУРА ОБВИНУВА ЗА НЕЗАКОНСКИ ВРАБОТУВАЊА И УНАПРЕДУВАЊА, ЌЕ ГИ ОСПОРИ СИСТЕМАТИЗАЦИИТЕ

    На прес-конференцијата во септември годинава, рекоа дека очекуваат законот за култура да биде донесен во октомври- ноември, и ако се доцни уште долг период, тогаш го повторија ставот дека ќе ги преземат сите правни мерки и ќе ја бојкотираат работата на културните јавни институции.

    Синдикатот денес на прес-конференција пред Министерството за култура, рече дека од Министерството им било ветено дека до крајот на оваа година треба да биде донесен новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата и да се обезбедат средства за нов колективен договор, на кој се чека 12 години. Во разговор со министерот за култура Асаф Адеми им било образложено дека доцнењето на законот за култура е последица на измените во законот за вработени во јавниот сектор и законот за административни службеници, кои сè уште се во подготовка и во кои треба да се вметнат промените што се извршени во предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата со цел трите закони да бидат усогласени.

    „Како преоден чекор кон потпишување на колективен договор бараме нивелација на платите во рамките на дејностите преку која делумно ќе се амортизираат моментално катастрофалните состојби каде што за работни места со ист степен на сложеност и одговорност се исплаќаат различни плати. Барањето за нивелација на платите е испратено до Министерството за култура и очекуваме одговор, а поднесен е и амандман од страна на пратеници во кој се бара преку Собранието на Македонија средствата за нивелација да бидат изгласани и вметнати во буџетот за следната година. Според пресметките направени во Министерството за култура, за нивелирање на плати се потребни околу 75.000.000 денари.
    Културата остана единствената гранка во јавниот сектор во кој платите не се уредени. Платите во културните и уметничките институции се сè уште најниски во јавниот сектор. И не можеме да зборуваме за културен и уметнички развој во државата кога оние кои што ја создаваат уметноста, оние кои се грижат за културното наследство, библиотечните фондови и кинотечните збирки се на работ на егзистенција. Уметниците и културните работници веќе немаат трпение“, рече денес претседателката на СКРМ, Сања Арсовска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира