Стејси Кич, еден од најдобрите американски театарски актери, кој се прослави како ТВ-детективот Мајк Хамер, почина на 85-годишна возраст. Неговата сопруга објави дека Кич починал во својот дом во Магдаленка, Полска, по долга и тешка борба со сериозно срцево заболување.
Иако важел за врвен изведуваач на Шекспир и бил омилен актер на легендарни режисери како Џон Хјустон, името на Кич остана трајно поврзано со неговата интерпретација на бескомпромисниот Хамер, измислениот приватен детектив од телевизиските екрани, создаден од писателот на криминалистички романи Мики Спилејн.
Не сакајќи постојано да го прави истото, Кич зад себе остави шаренолика палета на улоги: од полицаец-зависник од марихуана во филмовите за Чич и Чонг, преку кралот Лир во театарот, до наратор во телевизиската емисија „Најневеројатните видеа во светот“.
Освои Златен глобус за улогата на Ернест Хемингвеј во шестчасовна минисерија, за која се здебелил 16 килограми. Неговата последна улога беше онаа на огорчениот татко на Џорџ Клуни во „Џеј Кели“.
Роден во Савана, Џорџија, Кич бил син на актери. Студирал на Универзитетот на Калифорнија во Беркли, каде што се стекнал со дипломи по англиски јазик и драмска уметност, а студирал и на Лондонската академија за музика и драмска уметност, по што се вратил во Њујорк, каде што остварил различни театарски улоги.
Неговата кариера беше сериозно загрозена откако беше уапсен на аеродромот „Хитроу“ во Лондон во 1984 за обидот да прошверцува 36 грама кокаин. За тоа доби девет месеци затвор, но одлежа само шест. За своите лоши искуства со дрогата подоцна држеше предавања во универзитетски кампуси и центри за рехабилитација



