Дионис Палашков, пензиониран професор по биологија од Неготино, пасиониран колекционер на стари коли и херој на наградуваниот документарец „Со љубов“, почина вчера по кусо боледување. Имаше 72 години.
„Со љубов“, документарецот за него и неговата страст, што како деби го режираше неговиот поранешен ученик Илија Цветковски, по сценарио на наградуваниот документарист Атанас Георгиев, на 19 август 2017 го отвори фестивалот МакеДокс во скопски Куршумли ан. На македонската премиера публиката со огромна почит го испрати филмот и го поздрави Дионис, неговата сопруга Гордана и ученици од неговиот клас.
Пашлаков со страсна посветеност успеа да отвори музеј за својата колекција олдтајмери, во која има 108 коли, 61 моторцикл, една едрилица и еден булдожер.
„Тоа е културно-историско наследство, и се радувам што после овие 25 години работа и често потсмевање од околината, успеав да ја зачувам колекцијата на едно место и да направам атракција за Неготино, во ова време кога материјалното преовладува над соништата“, рече на премиерата Палашков.
„Тоа беше човек од кој ние научивме што значи да се вреднуваат вистински нештата кои ни значат, што значи да си сочувствителен, амбициозен, спокоен и полн љубов. Со неговото заминување светот загуби многу. Низ филмот и низ сеќавањата ќе остане секогаш со нас. Вечна му слава“, кажаа од екипата на филмот по веста за смртта на Палашков.