ПОЧИНА ДОАЈЕНОТ НА МАКЕДОНСКИОТ БАЛЕТ ЕКРЕМ ХУСЕИН

    ПОЧИНА ДОАЈЕНОТ НА МАКЕДОНСКИОТ БАЛЕТ ЕКРЕМ ХУСЕИН„Екрем беше голем пријател и советник на балетските танчари од сите генерации, не се штедеше да дели совети и пофалби“, велат неговите долгодишни соработници и пријатели од МОБ

    Доајенот на македонскиот балет Екрем Хусеин почина денес по долго боледување. Имаше 75 години. Хусеин, кој важи за еден од најомилените уметници и колеги во Македонската опера и балет (МОБ), беше активен во балетскиот ансамбл сè до пред 4 години.

    „Тој беше балетски феномен, од типот на Маја Плисецкаја која играше сѐ до 70 години. Екрем беше голем пријател и советник на балетските танчари од сите генерации, не се штедеше да дели совети и пофалби. Често знаеше зад кулиси да викне ‘Браво’ и тоа да се слушне до публиката. Таков беше, со големо срце и љубовта кон балетот и колегите беше поголема од него“, ни рекоа неговите долгодишни соработници и пријатели од МОБ.

    Хусеин е роден на 6 март 1943. Во 2008 играше во претставата „Црвениот лебед“ во кореографија на Искра Шукарова, со која обележа 50 години кариера. Во 2008 ја доби наградата Менада на „Танц фест Скопје“ за врвни достигнувања во областа на танцот.

    Хусеин ќе биде погребан денеска, а од МОБ велат дека поради колетивниот годишен одмор, комеморацијата ќе се одржи следната недела.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира