ПОЧИНА ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ ГОРАН СТЕФАНОВСКИ, АВТОРОТ НА „БУШАВА АЗБУКА“ И „ДИВО МЕСО“

    ПОЧИНА ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ ГОРАН СТЕФАНОВСКИ, АВТОРОТ НА „БУШАВА АЗБУКА“ И „ДИВО МЕСО“Академик Горан Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“ (Фото: Од личната архива на Стефановски)

    Горан Стефановски, еден од најреномираните македонски драмски писатели, почина по кусо боледување во Кентербери, Англија, каде што живееше изминативе децении, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК извори блиски до семејството. Имаше 66 години.

    Академик Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.

    Роден во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, дипломец е на англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград.  Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).  Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.

    Горан беше автор и на текстови на неколку албуми на прочуената рок група „Леб и сол“, чиј фронтмен беше брат му,  гитаристот Влатко Стефановски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира