ПОЧИНА ФОТОГРАФОТ И ПИСАТЕЛ Д-Р ВЛАДИМИР ПЛАВЕВСКИ

    ПОЧИНА ФОТОГРАФОТ И ПИСАТЕЛ Д-Р ВЛАДИМИР ПЛАВЕВСКИПлавевски е и автор е на повеќе драмски текстови, сценарија за телевизиски серии, ТВ филмови и радио драми. (Фото: Фејсбук)

    Почина писателот и фотограф д-р Владимир Плавевски, објави неговото семејство. Имаше 75 години. Плавевски има освоено неколку награди за неговите раскази, а за „Јадица“ ја доби наградата Роман на годината на „Утрински весник“ за 2013. Во 2020 ја доби наградата „Стале Попов“ од Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ)  за книгата „Боксерот од Ново Маало“.

    Со аматерска фотографија почнал да се занимава од рана возраст, а со интензивно изложување фотографии на бројни групни изложби во периодот 1973 до 1990. Во 1970-те бил член, а потоа и претседател на Фотоклубот „Вардар” од Скопје (1978-1990) како и претседател на Фото сојузот на Македонија (1982-1986). Бил предавач по предметот Фотографија на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во 1993/94.

    Учествувал на голем број групни изложби во земјата и во странство и е добитник на поголем број награди и признанија. Плавевски по професија е доктор специјалист оториноларинголог, примариус. Автор е на повеќе драмски текстови, сценарија за телевизиски серии, ТВ филмови и радиодрами. Од 2000 година е член и на ДПМ.

    Во врска со фотографијата објавил две книги: „Папарацо – феномен на денешнината“ (1997) и „Фотографија“ (1998). Објавил и четири книги со раскази, автор е на сценарија според кои за Македонската радиотелевизија досега се снимени повеќе од 40 епизоди од играните серии: „Еурека“, „Прекалени“, „Светски бајки“, „Македонски бајки“ и „Златни басни“.

    Сценарист е и на ТВ-филмовите „Состојба пред инфаркт“ (1987), „Бог да ги убие шпионите“ (1993) и „Вампирџија“ (2002), „Бои во времето“ (2005, специјална награда „Златен проектор“ на Астер-фест 2006); „Нави“ (2007), а режисер и сценарист на ТВ-филмот „Мултиплеј“ (2008).

    За Македонското радио му се снимени девет радиодрами. Неговите драмски текстови „Пипа ритам“ (1986), „Балерината“ (1994), „Кралот Хамлет“ (1995) и „Каста Дива“ (1997), детскиот драмски текст „Трагачи по виножитото“ (1988) и „Министерот и јас“ (2002) се поставени на сцената на Турскиот театар во Скопје; „Раскол“ во Народниот театар во Куманово (1998); а „Операција Лир“ во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица (2002).

    Поменот ќе се одржи утре во капела Бутел од 12:30 часот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира