Почина хрватската новинарка, писателка и активистка Ведрана Рудан, објавија хрватските медиуми. Рудан почина на 76 години после долга борба со рак. Славната писателка и колумнистка во 2024 објави дека боледува од редок облик на рак на жолчните канали.
„Не го прочитав ниту отпусното писмо, ниту типот, ниту прогнозите на интернет. Додуша, некаде налетав на информација дека од појавата на првите симптоми до смртта имаш дури три месеци за да го изневериш сопругот, да ги оставиш децата без наследство или да го опцуеш љубовникот. И не е баш некој рок“, напиша таа пред 2 години кога ја добила дијагнозата.
Рудан е родена во Опатија во 1949. Дипломирала на Педагошката академија во Риека, каде што студирала хрватски и германски јазик. Работела како наставничка, туристички водич, како и писателка за неколку хрватски весници, а била и новинарка во државното радио. Во 1991 година била отпуштена од работа во Радио Риека поради критиките кон претседателот Фрањо Туѓман. Откако нејзиниот сопруг останал без работа, двајцата отвориле агенција за недвижности. До 2011 година пишувала за Национал, најголемиот хрватски весник.
Од 2010 до 2015 година, на својот многу популарен блог „Како да се умре без стрес“ (Како умријети без стреса) пишувала за секојдневни теми. Престанала да го пишува блогот на 21 август 2015, објаснувајќи: „Сè за што пишуваме е омраза. Повеќе не знам каде сме, дали сме во 2015, 1991 или 1941 година. Сè уште трае активниот лов на Србите, сето тоа завиткано во борбата за правото на хрватскиот народ. Право на што? На глад, беда, кредити?“
Нејзината последна објава, насловена „Се откажувам“ (Одустајем), била прочитана околу 50.000 пати.
Во 2017, таа ја потпишала Декларацијата за заеднички јазик на Хрватите, Србите, Бошњаците и Црногорците. Авторка е на голем број дела, од кои неколку имаат објавено и македонските издавачки куќи.



