ПОЧИНА ХРВАТСКИОТ ПЕЈАЧ МИШО КОВАЧ

    ПОЧИНА ХРВАТСКИОТ ПЕЈАЧ МИШО КОВАЧКовач во својата кариера продал повеќе од 20 милиони плочи (Фото: Н1)

    Почина легендарниот хрватски пејач Мишо Ковач. Имаше 85 години, а во својата кариера продал повеќе од 20 милиони плочи.

    Како што објави хрватскиот сајт „Индекс“, Ковач починал денеска во својот дом во Сплит. Пред смртта изразил желба да биде погребан во Загреб.

    Роден е на 16 јули 1941 во Шибеник. Пораснал во улица од која потекнуваат уште две големи музички звезди, Вице Вуков и Арсен Дедиќ. Со Дедиќ, неколку децении подоцна ја сними дуетската песна „Ние сме лисја од истата гранка“.

    Со пеење почнал на 16-годишна возраст, а во 1961 година го поделил првото место на натпреварот „Прв глас на Шибеник“.

    Во 1964 потпиша договор со „Југотон“, започнувајќи ја една од најуспешните музички кариера на просторите на Југославија. Со пет плочи продадени во над 250.000 примероци, Ковач во 1969 година станал најпродаваниот изведувач на „Југотон“.

    Со победата на Сплитскиот фестивал во 1971 стана најпопуларниот пејач во Југославија, по што следеа две децении успеси. Петпати беше прогласен за пејач на годината, а во 1989 и за личност на годината во Југославија.

    Се женеше трипати, а со Анита Батурина, поранешната Мис на Југославија, ги доби децата Еди и Ивана. Синот Еди почина на 16 години во 1992 под неразјаснети околности, по што Ковач во негова чест одржа концерт во Сплит пред 50.000 луѓе. Потоа објави дека веќе нема да настапува, но не го одржа зборот. Во 1999 се обиде да се самоубие, пукајќи си во градите, но преживеа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира