ПОЧИНА ЈАПОНСКИОТ КОМПОЗИТОР И ОСКАРОВЕЦ РЈУИЧИ САКАМОТО

    ПОЧИНА ЈАПОНСКИОТ КОМПОЗИТОР И ОСКАРОВЕЦ РЈУИЧИ САКАМОТОСакамото важи за еден од најголемите иноватори во современата музика (Фото: Гети)

    Прославениот јапонски композитор и продуцент Рјуичи Сакамото почина на 71 година, две години откако повторно му беше дијагностициран рак на дебелото црево. Неговото семејство денеска објави дека починал во вторникот.

    Сакамото со наградата за животно дело на фестивалот Скопје синема сити во 2018 (Фото: Фејсбук)

    Сакамото беше почитуван за неговите експериментирања со електронската музика, а меѓу многубројните награди што ги доби се истакнуваат Оскар, Греми и БАФТА.

    Инспириран од „Битлс“ и Клод Дебиси, Сакамото почнал да учи компонирање на десетгодишна возраст. Тој беше еден од основачите на групата „Јелоу меџик оркестра“ во 1978 година, чии синтисајзерски иновации извршија големо влијание врз техно попот и хип хопот. Сними и 19 соло албуми.

    Азиската музика имала силно влијание врз Дебиси и Дебиси оствари големо влијание врз мене. Така музиката оди низ светот и прави полн круг“, кажа Сакамото во едно интервју од 2010 година.

    Голем е неговиот придонес и во светот на филмот. Глумеше покрај Дејвид Боуви во „Среќен Божиќ, господине Лоренс“ и напиша музика за повеќе од 100 филмови и серии. За „Последниот кинески цар“ освои Оскар и Златен глобус во 1988, како и Греми следната година.

    Сакамото, кој беше антинуклеарен и еколошки активист, во 2014 паузираше од работа околу една година за да се лекува од рак на грлото. Иако излечен по долгогодишно лекување, во јануари 2021 објави на својата веб-страница дека му бил дијагностициран рак на дебелото црево.

    Во декември 2022, Сакамото го одржа она што беше јасно наменето да биде проштален концерт за неговите обожаватели, емитуван на Интернет.

    Мојата сила навистина опадна, па нормален концерт од околу еден час до деведесет минути би бил многу тежок“, рече тој во пораката на Интернет неколку дена претходно.

    Како резултат на тоа, го снимив песна по песна и го измонтирав заедно за да може да се претстави како обичен концерт, што верувам дека може да биде пријатно на вообичаен начин. Ве молиме, уживајте“.

    Во 2018, Сакамото ја прими наградата за животно дело на фестивалот Скопје синема сити.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира