ПОЧИНА КУЛТНИОТ ЈУГОСЛОВЕНСКИ РЕЖИСЕР ДУШАН МАКАВЕЕВ

    ПОЧИНА КУЛТНИОТ ЈУГОСЛОВЕНСКИ РЕЖИСЕР ДУШАН МАКАВЕЕВМакавеев достигна најголема слава со филмот „Вилхелм Рајх: мистериите на организмот“ (1971), кој поради својата сексуално-политичката содржина беше забранет во Југославија, а Макавеев бешее принуден да замине во егзил, каде останува до 1988

    Душан Макавеев, еден од најпознатите филмски режисери и сценаристи од поранешна Југославија,  почина утрово во Белград на 87 години. Со своите три филмови од 1960-тите, „Човекот не е птица“ (1965), „Љубовниот случај или трагедијата на службеничката на ПТТ“ (1967) и „Невиност без заштита“ (1968), Макавеев стекнува меѓународна слава. Сепак, неговиот следен филм, „Вилхелм Рајх: мистериите на организмот“ (1971), е оној што ќе предизвика најголемо внимание. Поради својата сексуално-политичката содржина филмот е забранет во Југославија, а Макавеев е принуден да замине во егзил, каде останува до 1988. Во овој свој филм, Макавеев го комбинира претставувањето на идеите на познатиот левичарски психоаналитичар Вилхелм Рајх со односот на комунизмот кон сексуалноста.

    Роден на 13 октомври 1932 во Белград, дипломирал психологија на Филозофскиот факултет во Белград и режија на белградската Академија за театар, филм, радио и телевизија. Од 1953  почнува да се занимава со филм. По „Мистерии на организмот“, следат „Ми недостига Соња Хени“ (1971), „Сладок филм“ (1973), „Црна Гора или свињи и бисери“ (1981), „Кока кола кид“ (1985), „Манифест“ (1988), „Горило се капе на пладне“ (1993), „Дупка во душата (1994) и „Данските девојки покажуваат сè“ (1996).

    Макавеев е добитник на Сребрена мечка на Берлинале, „Луис Буњуел“ во Кан и поголем број домашни и меѓународни награди, меѓу кои и Октомвриската награда на Белград, Сребрена арена во Пула, „Златно време“ на Белгиската кралска кинотека и други.

    Српски „Блиц“ ја пренесува неговата изјава од лани во септември, кога бил прогласен за почесен доктор на Универзитетот за уметност во Белград, а поради влошеното здравје, дипломата ја примила неговата сопруга Бојана.

    „Мак се заблагодарува на Сенатот, на Универзитетот, на Факултетот за драмски уметности. Специјален поздрав за младите филмски уметници, затоа што товарот е на нивни грб, нивна е задачата да го поправат овој свет. Некако тешко се дише овие денови“, рекла неговата сопруга.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира