ПОЧИНА ЛИКОВНИОТ УМЕТНИК ЈОВАН БАЛОВ

    ПОЧИНА ЛИКОВНИОТ УМЕТНИК ЈОВАН БАЛОВЈован Балов беше познат и по тоа што ја отвори сцената на Берлин за колегите од Македонија и Балканот, поради што се сметаше за амбасадор на регионот. (Фото: А. Бурзиќ)

    Почина македонскиот ликовен уметник Јован Балов, кој живееше и твореше во Берлин, Германија. Балов почина вчера, неколку недели пред неговиот 61. роденден, а веста за смртта ја објави на социјалните мрежи неговото семејство.

    Освен неговата богата ликовна дејност, Балов беше познат и по тоа што ја отвори берлинската сцена за колегите од Македонија и Балканот, поради што многумина го идентификуваат како амбасадор на регионот. Од 2004 во галеријата „Прима центар“ во Берлин по заслуга на Балов се реализирани голем број ликовни претставувања на македонски и на странски автори.

    „Воопшто и не планирав да бидам некој кој ќе ги поврзе Берлин со Македонија и балканската уметност. Затоа и за мене големо изненадување беше и доделувањето на медалот и моето прогласување на Херој на балканската култура во Атина, во 2007 година. После тоа почнав да размислувам во тој правец, но тоа не е моето определување! Јас сум пред се’ уметник. Но, има дел од мене кој сочувствува со колегите. Затоа и одлучив да ја задржам галеријата ‘Прима центар’, продолжив да работам со неа и што е можно побрзо да ја претворам во платформа за алтернативната и млада македонска уметност. Одоговрноста е голема. Јас ја познавам берлинската сцена, услови, криктика и многу добро знам кој тука би се вклопил, а кој не“, изјави Балов во едно интервју за „Дојче веле“ пред 10 години.

    Во уметничката кариера од 40 години, Балов реализирал многубројни проекти и изложби во Германија, Русија, Словенија, Франција, Грција, Австрија, Полска, Финска, Израел, Англија, Србија, Италија и во многу други земји. Последното претставување е закажано за 21 октомври во групна изложба во галерија во Берлин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира