Актерт Бруно Ганц, лицето-икона за современата германска кинематографија, кој се вивна до светска слава со авторите како Вим Вендерс и Фолкер Шлендорф во средината на 1970-те, почина во Цирих по долго боледување. Имаше 77 години.
Овој исклучителен актер, Швајцарец родум од Цирих, со ретко продуховена игра, на филм се нашол „од втора мајка“ – во 1960 првата филмска улога не му била баш успешна, па се посветил на театарот каде набргу стасал до наградата актер на годината. Второто филмско деби му е во 1976 во „Летни гости“, што го лансира меѓу најбараните актери во златното време на европскиот и американски авторски филм, па меѓу другите игра со Денис Хопер во „Американски пријател“ на Вендерс и со Клаус Кински во „Носферату, фантомот на ноќта“ на Шлендорф, но и со сер Лоренс Оливие во „Момците од Бразил“. Но две улоги, на ангелот Дамиел во „Небото над Берлин“ (1987) и на Хитлер во „Падот“ (2004) го направија светски познат и популарен. Ганц продолжи да работи паралелно на филм и в театар, каде остана запаметена неговата улога на Фауст во 11-часовната претстава на Петер Штајн.
Со Македонија го врзува улогата во филмот „Сведок“ на Митко Панов, а Ганц во 2015 дојде на филмскиот фестивал Браќа Манаки во Битола каде ја доби специјалната награда Златна “Камера 300” за особен придонес во филмската уметност.
Последната улога му беше лани во „Куќата што ја изгради Џек“ на Ларс фон Трир.
Со Бруно Ганц имав нтервју пред да дојде во Битола во 2015. Го прашав за една изјава за неговата кариера која вели „Еден од сопствениците на мистичниот прстен Ифланг, кој веќе 200 години му се доделува на најважниот актер од германското говорно подрачје од секоја генерација“, и зошто прстенот Ифланг е толку мистичен?
„Прстенот Ифланг се смета за најголемата почест за актер од германското говорно подрачје. Но, датира од времето пред телевизијата да дојде во нашиот свет. Така што, можеби денеска изгледа малку старомодно. Убавата работа за прстенот е што од мене зависи кој ќе го наследи. Сепак, кога го добив бев многу, многу, многу горд“, рече Ганц.
Тој кажа и дека не знае многу за актерски методи и дека при подготовката за ликот се обидува да го користи умот и срцето.
„Спремен сум да сторам сè што мислам дека е потребно, ама веројатно не сум спремен да умрам за тоа“, одговори тој на прашањето што е спремен да стори за уметноста?
Многу филмофили се лично поврзани со неговиот лик на ангелот Дамиел од „Небото над Берлин“ и со неговата игра во „Американски пријател“ на Вендерс.
„Вим Вендерс е длабоко вљубен во филмската уметност. Никогаш не сум запознал друг човек со таква страст за тоа што го прави. Убаво е да се игра ангел. Прави да се чувствуваш како да си дел од небото“, рече Ганц и додаде: „Режисерите ги разбирам како луѓе кои им помагаат на актерите да го добијат токму она што го сакаат, особено кога ти како актер не знаеш каде точно е тоа што го бараш. Така што, ги слушам многу внимателно. Сè е во комуникацијата“.
Серијата видеа на Јутјуб насловени „Тирадите на Хитлер“, пародии на неговата улога на Хитлер во „Падот“ на Оливиер Хиршбигел се популарни во светот, а во Македонија изминатава деценија како видео пародии на владата стекнаа речиси култен статус. Но, Ганц никогаш не ги видел.
„Не, за жал никогаш не сум ги гледал тие видеа на Јутјуб, ама ми кажале дека се забавни – па баш ми е драго“, рече тој.
А на прашањето дали сака да ги гледате своите филмови, рече:
„Ако се добри, сакам да ги гледам“.
М. КОСТОВА