ПОЧИНА СЛИКАРОТ ДРАГОЉУБ БЕЖАНОВИЌ-БЕЖАН

    ПОЧИНА СЛИКАРОТ ДРАГОЉУБ БЕЖАНОВИЌ-БЕЖАНБежан по 30 години, во 2017 се врати во Македнија со изложбата „Назад во 70-тите“ во МКЦ. (Фото: Фејсбук)

    Почина сликарот Драгољуб Бежановиќ-Бежан, еден од проминентните уметници од македонската хипи геренарција од 1970-те. Почина денеска на 72 години во Вијцхен, Холандија, каде живееше како слободен уметник изминативе 35 години.

    Во ноември 2017, Бежан за првпат по 30 години се врати во Македонија со изложбата „Назад во 70-тите“, во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ). Изложбата беше прва по онаа во 1987 во Центарот за култура и информации во Скопје.

    „Но, исто така, изложбата се отвора и повеќе од 42 години по мојата прва закажана самостојна изложба во тогашниот Дом на млади (МКЦ), која без конкретна причина се откажа. На оваа изложба ќе бидат изложени дела главно предвидени и на неодржаната изложба тогаш и фактички таа ќе се отвори годинава, по 42 години со едно извонредно значење за мене лично, но и воопшто за пошироката јавност. На изложбата ќе имаме можност да погледнеме и да анализираме што во тие години било спорно да се изложи и дали тоа што е креирано тогаш во тоа време можело да биде причина на чуварите на масовната мисла да застанат во одбрана од вакви ликовни остварувања“, рече тогаш Бежан, кој на отворањето имаше хепенинг, а потоа се одржа и хипи диско-вечер со задолжителен хипи дрес код.

    Дел од сликите на Драгољуб Бежановиќ-Бежан од изложбата „Назад во 70-тите“ во МКЦ во ноември 2017; „Наркоман“ (лево) и „Војсководец“ (десно)

    „Животот на уметникот како уметничко дело и уметничко дело како трага (понекогаш ненамерна и случајна) од тој живот, е начин на живеење што Драгољуб Бежан секогаш ќе го поврзува со она бунтовничко време на длабоки промени кога тој почна да се занимава со уметност. Време кога уметноста беше разбрана како живот, а животот како потрага по слобода. А слободата постојано се измолкнува и бега, таа е недофатлива и го принудува уметникот да е во постојано талкање, во постојано движење, постојано на пат, постојано жив во вистинското значење на глаголот ‘живее’, рекоа од МКЦ за изложбата „Назад во 70-тите“.

    Роден во 1951 во Крушевац, Бежан завршил Училиште за применета уметност (графика), а потоа и Педагошка академија во Скопје. Од 1975 до 1990 бил член на ДЛУМ. „Награди и одликувања нема, а нема ни да има“, стоеше во неговата биографија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира