Прекинати се подготовките за јубилејното 40. издание на Скопскиот џез фестивал (СЏФ) и доведено е во прашање неговото одржување од 20-24 октомври, велат од Фестивалот. Организаторите на една од најважните културни манифестации во земјава, на која доаѓаат светски имиња и која изминативе години промовира млади домашни џез музичари и со наградата Златен оникс, преку Фејсбук објаснуваат дека со Годишната програма за национален интерес за 2021 значително им се скратени средствата.
Според објавената програма на Министерството за култура, Скопски џез фестивал е поддржан со 3.2 милиони денари, а за 20. издание Офф-фест со 2.01 милиони денари, а реагираат дека со тие средства не е можно да се обезбеди зачувување на форматот, квалитетот и исклучително високото меѓународно ниво на фестивалот.
СЏФ лани доби 5 милиони денари за нивното 39. издание и 2.5 милиони денари за 19. Офф-фест.
„Се враќаме на ниво од втората половина на 1990-те. Сосема е неприфатливо одеднаш драстично поинаквото вреднување на Скопскиот џез фестивал во однос на вреднувањето што се правело изминатите години. Особено што секоја година напоменуваме дека и со тие средства што сме ги добивале од Министерството се соочуваме со сериозни финансиски тешкотии во реализација на манифестацијата. Едноставно, не сме подготвени да го враќаме фестивалот назад во далечното минато, практично стартувајќи го од почеток, урнисувајќи ја неговата макотрпно градена највисока меѓународна репутација и претворајќи го во нешто друго. Нашиот дефинитивен и познат став е дека во ваков случај е подобро да ставиме точка на фестивалот одошто да го сведеме на настан од претежно локален или регионален карактер“, велат од Фестивалот.
Тие потсетуваат дека во услови на пандемија, лани, СЏФ беше еден од ретките меѓународни џез фестивали кои го сочуваа полниот формат, во Европа оценет како достигнување.
Од СЏФ велат дека причините за ваквото скратување не треба да се бараат во недостигот на средства на Министерството за култура, ниту пак во фактот дека објавените конкурсни услови и критериуми беа најлошо срочените досега од Министерството за култура.
„Ниту, пак, многу оправданото сомневање за однапред негативен пристап кон нашите проекти од страна на надлежната комисија, со сознанието дека, и покрај ветувањето, таа не нè удостои со побараното 10-минутно дообјаснување на проектите, што е нејзина должност. Во крајна линија, според сегашниот (а и идниот) Закон за култура, комисијата има советодавна улога, а одлуките за Годишната програма ги донесува министерот“, реагира СЏФ и додава дека испратиле допис до Министерството, а откако ќе го добијат решението, ќе поднесат приговор.
Претседателка на комисијата за музичка сценска-дејност годинава беше Бранка Костиќ-Марковиќ, а членови беа Нинослав Димов и Бехар Весели.
Од Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека од пандемиска, здравствена и економски тешка година, разбирливи се дискусии околу начинот и висината на поддршката на проектите и веруваат дека по нормализација на состојбите гледано од здравствен, економски и социјален аспект, сите конструктивни сугестии ќе придонесат за понатамошно усовршување на Годишните конкурси.
Од кабинетот на министерката за култура Ирена Стефоска ни рекоа дека во услови на намален буџет во висина од 3 милиони евра програмски средства, Министерството за култура поекономично ги распредели средствата во рамките на Годишната програма.
„За проектите што се избрани и за проектите што се одбиени на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година по дејности и области се донесуваат решенија. Во согласност со член 65 став (5) од Законот за културата, против добиеното решение може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“, додаваат оттаму.
СЏФ, како и Златно славејче, во 2019 првично не поминаа на конкурсот, бидејќи како што велеа тогаш од Министерството кога министер беше Асаф Адеми, овие најстари и најреномирани институции не ја имаа доставено комплетната документација. По неколку дена, од комисијата за музичка дејност признаа дека згрешиле со Златно славејче и дека ќе добие пари, а по еден месец од објавувањето на резулатите и поднесените жалби, СЏФ доби 3 милиони денари, а Офф-фест 1 милион денари.
Б. НЕСТОРОСКА