ПОЛНА САЛА ВО ПОНЕДЕЛНИК НАПЛАДНЕ – ПУБЛИКАТА ГО СЛАВИ СОЛУНСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

    ПОЛНА САЛА ВО ПОНЕДЕЛНИК НАПЛАДНЕ – ПУБЛИКАТА ГО СЛАВИ СОЛУНСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛФестивалот го слави 60. роденден со преполни сали, а публиката се потврдува како една од ретко посветените и најголемо богатство на најголемиот филмски настан во регионот. (Фото: ТИФФ)

    (Специјално од Солун: Марина Костова)

    „Не ми се верува дека салата е полна, во понеделник во 15 часот, на дождлив ден. Импресиониран сум“, рече ирскиот дебитант Патрик Маки Бурнс, на премиерата на неговиот филм „Риалто“ во конкуренцијата за Златен Александар на 60. Филмски фестивал во Солун. Фестивалот го слави 60. роденден со преполни сали, а публиката се потврдува како една од ретко посветените и најголемо богатство на најголемиот филмски настан во регионот.

    Во Солун денеска дојде и култниот американски автор Џон Вотерс, кој ќе добие Златен Александар за животно дело (Фото: ТИФФ)

    Фестивалот во чија селекција за награди се дебија или втори, а од годинава и трети филмови на авторите, на 60-годишниот јубилеј се мачи да најде нов фокус кој ќе го одржи интересот на публиката. Многу е тешко да се склопи квалитетна селекција од дебитантски филмови и затоа директорот Орестис Андреакис последниве 2 години се обидува да воспостави таканаречен кураторски концепт за главната конкуренција – таа има тема која произлегува од извесно филозофско промислување.

    Сцена од „Риалто“.

    Но, првата половина од фестивалот и помината половина од 14-те филмови во конкуренцијата за награди, не донесе исклучителни дела.

    Три филма се издвоија досега, „Риалто“, сингапурскиот „Сезона на дождови“ на Антони Чен и американскиот „Голтање“ на Карло Мирабела-Дејвис. Во „Риалто“ еден средовечен маж со сопруга и две деца се справува со кризата на средните години и губењето на работата со тоа што ќе се вљуби во постар тинејџер кого го плаќа за секс. Во „Сезона на дождови“ една учителка во средно школо се изложува на хормонална терапија за ин-витро инсеминација и се мачи да има дете со сопругот кој ја мами. Во „Голтање“, богато омажена жена ќе забремени и ќе се судри со траумите од детството така што ќе почне да голта секакви, главно метални предмети.

    Сцена од „Сезона на дождови“.

    Еднa од најквалитетните и највозбудливи програми во Солун е ретроспективата на големиот српски и еден од најзначајните светски автори Душан Макавејев. Покрај неговите култни филмови како „Љубовниот случај на поштенската службеничка“, „ВР: Мистерии на орга(ни)змот“, „Мистер Монтенегро“, “Sweet Movie”, „Горилото се капе напладне“, во Солун е и документарецот „Случајот Макавејев или процес во киносала“.

    Сцена од „Голтање“.

    Филмот за првпат ги открива четирите аудиоленти снимени тајно во 1971, а после проекцијата на „ВР: Мистерии на орга(ни)змот“ во Нови Сад. Јавната расправа за филмот организирана од владејачките структури на Комунистичката партија се одржала во киното „Арена“, а по големиот успех на филмот на Макавејев на Канскиот фестивал. Филмот предизвикал бурни и спротивставени реакции во партиските кругови и по оваа јавна расправа е забранет за кинодистрибуција во југословенските кина. Филмот е ставен во бункер и во кино излезе дури на крајот на 1980-те. Макавејев, кој добил прилика да го каже своето мислење на оваа јавна расправа во Нови Сад, по забраната на филмот се пресели во странство каде продолжи да работи. Лентите со децении стоеле во библиотеката на Културниот центар во Нови Сад, и сега за првпат се јавно објавени.

    Милена Дравиќ во документарецот „Случајот Макавејев или процес во киносала“.

    „ВР: Мистерии на орга(ни)змот“ денеска е едно од култните и најпознати дела на југословенската кинематографија. Она што е највозбудливо во документарецот на Радовановиќ е автентичноста – се открива судењето на едно дело кое се смета за идеолошки непогодно, а на сегашното преслушување на лентите се присутни и дел од живите сведоци, како актерката Милена Дравиќ, која ја игра главната улога во „Мистерии…“ и низа српски професори и интелектуалци од тоа време. Самиот говор на Макавејев е снимен на 5 ленти, но едната е украдена. Тонскиот снимател веднаш по настанот извадил транскрипт на говорот, па иако нема комплетна аудионимка целиот говор е зачуван во писмена форма. Во документарецот, говорот на Макавејев го кажува Светозар Цветковиќ, актерот чии најзабележани улоги се токму во неговите филмови.

    60-то издание на Солунскиот фестивал се затвора на 10 ноември со новозеландската комедија „Јојо зајче“ на Таика Ваитити.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари