ПОСЛЕ ДЕЦЕНИСКА ЗАПУШТЕНОСТ, СЕ ЧИСТИ ПРАШИНАТА ОД МОЗАИЦИТЕ ВО КУЌАТА НА ЛИЧЕНОСКИ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Куќата е изградена во периодот од 1961 до 1963. Во 2009 куќата е прогласена за значајно културно добро, во 2015 преминува во државна сопственост, а во 2017 со владина одлука е прогласена за културно наследство од особено значење.

    ПОСЛЕ ДЕЦЕНИСКА ЗАПУШТЕНОСТ, СЕ ЧИСТИ ПРАШИНАТА ОД МОЗАИЦИТЕ ВО КУЌАТА НА ЛИЧЕНОСКИ (ФОТОГАЛЕРИЈА)„Сѐ што работел Личеноски, работел со многу љубов“, вели конзерваторот Вергоски. (Фото: К. Попов)

    Триесет и седум мозаици и пет графити од Спомен-куќата на Лазар Личеноски, еден од втемелувачите на ликовниот живот во Македонија, периодов се реставрираат и конзервираат во Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ). Објектот во подножјето на Скопското кале, кој беше семејна куќа на еминентниот сликар, од 2015 е во државна сопственост, како дел од Националната галерија.

    Куќата е градена од 1961 до 1963, по проект на архитектот Славко Брезовски. Во 2009 куќата е прогласена за значајно културно добро, а во 2017 со владина одлука е прогласена за културно наследство од особено значење.

    Основниот проект за санација на куќата и нејзино адаптирање во спомен-куќа „Музеј Лазар Личеноски“ е во надлежност на Конзерваторскиот центар Скопје. Преадаптацијата, конзервацијата и ревитализацијата во Спомен-куќата се прават од 2015, при што се завршени повеќе важни фази.

    Драган Верговски работи на конзервацијата на мозаиците од дворот (Фото: К. Попов)

    Директорот на Конзерваторски, Коле Чапкановски, ни рече дека е завршена првата фаза од санацијата, односно водоводна и топловодна инсталација, а во тек е електричната инсталација.

    Додека во куќата се работи на инсталацијата, во Даут пашин амам и во Чифте амам во тек се работите на непосредна заштита под раководство на советник конзерваторот Драган Верговски и стручниот тим во состав: Славица Алексоска – виш кустос во Национална галерија, Владо Муковски – сликар и советник конзерватор во Национален конзерваторски центар Скопје и Лариса Лауцоска – соработничка.

    За процесот на конзервација на мозаиците, САКАМДАКАЖАМ.МК разговараше со Верговски и Алексоска во дворот на Чифте амам, додека тој чистеше една од плочите.

    Објектот беше семејна куќа на еминентниот сликар, а сега е дел од Националната галерија. (Фото: К. Попов)

    Алексоска вели дека прво била формирана Комисија за изработка на проект за конзервација на мозаиците, каде што таа е раководителка, заедно со Верговски и уште двајца членови. Направен е целосен проект за конзервација на мозаиците, кој дополнително бил даден на комисија во Музеј на Македонија. Комисијата го одобрила проектот како многу добар, па бил пратен на одобрување во Управата за заштита на културното наследство и потоа стартувала конзервацијата.

    Се реставрираат мозаиците кои се дел од патеките покрај базенот. (Фото: К. Попов)

    „Завршени се 13 мозаици и пет графити кои беа во ентериерот на куќата. Од патеката во дворот донесени се 15 мозаици, на кои се работи во Даут пашин амам. Имаме намера овие патеки да не се изложуваат надвор кај куќата, туку да добијат третман, да се изложат или на фасадата или во внатрешниот дел, за тоа ќе одлучи Комисијата“, ни рече Верговски, а Алексоска се надоврза:

    „Овие фргаменти се исклучиво од камен зашто и намената била таква, патеки за одење покрај базенот. Нашите сознанија од конзервацијата на овие правоаголни плочи од патеката се дека би било ризично да се вратат на првобитното автентично место, иако таму им е местото. Но, гледате како се искршени од одење, тлото покрај Вардар малку е нестабилно. Сметаме дека е подобро да се изложат на самата фасада, со тоа што ќе се нагласи дека се дел од патеката која била покрај базенот“, вели Алексоска.

    Мозаиците кои се наоѓаат на фасадата „Берачка на лотос“ и „Апотеоза на трудот“ на балконот ќе се работат откако ќе се заврши со архитектурата. (Фото: К. Попов)

    Појаснувајќи ги фазите, Верговски вели дека прво ја отстрануваат нечистотијата од прашина и кал, а следно е чистењето со најбезболни средства, со обична четка и сапун. После следи втората фаза: тие наталожени нечистотии и оние од аерозагадувањето мора по механички пат да се отстранат, оти по хемиски пат оди тешко и може да се оштетат. После се полираат со јагнешко крзно, што им дава одреден сјај на камењата.

    „Најдобро полирање е газење со човечка нога. На пример, сите антички мозаици во Хераклеа и Стоби се полирале од самите верници, со одењето. Тоа полирање создава еден вид на лак кој не дозволува да се оштетува каменот. На крај, сите фрагменти од патеката ќе се третираат со хемиска заштита за натамошно опстојување на патеките. Има и оштетени и делови што недостасуваат“, појаснува Вергоски.

    „Тоа се вика ретуш, како во сликарството. Ако има отпаднато камче, се става друго кое е автентично. Четвртата фаза е заштита и китирање ако има потреба, ако е падната фуга, сѐ во зависност од оштетеноста на мозаикот“, додаде Алексоска.

    За процесот на конзервација на мозаиците, САКАМДАКАЖАМ.МК разговараше со Верговски и Алексоска во дворот на Чифте амам, додека тој чистеше една од плочите. (Фото: К. Попов)

    Следно е реставрација и конзервација на архитектурата, а за тоа е надлежен Конзерваторски центар Скопје.

    „Преку Национална галерија оди проектот за конзервација на мозаикот. Имаме уште еден проект за кој се надеваме ќе ни дадат пари, тоа е за конзервација на сликите. Тој проект опфаќа конзервација на 122 ликовни дела, слики и цртежи, главно масла. Имаме готов изработен проект за конзервација на етнолошкиот материјал, мебелот, приборот за јадење, сѐ што имаше во куќата. Тој проект го работевме во соработка со колегите од Музеј на Македонија. Во фаза на работа е проектот за евиденција на библиотечниот материјал. Личеноски имал огромна библиотека, се направи селекција од 600 дела кои ќе бидат изложени во неговото ателје. Тој проект се работи од Националната универзитетска библиотека ‘Св. Климент Охридски’, на чело со Зорица Јаковлеска, раководителка на Конзерваторскиот оддел. Со тоа се заокружува сѐ што имаше во куќата на Личеноски. Но, главен проблем е конзервацијата на архитектурата. Сѐ додека не се заврши, ние ништо од ова не можеме да однесеме таму, сѐ ќе се уништи. Еве, на пример, мозаиците кои се наоѓаат на фасадата ‘Берачка на лотос’ и ‘Апотеоза на трудот’ на балконот ќе се работат откако ќе се заврши со архитектурата“, вели Алексоска.

    Еден од завршените мозаици кој бил во куќата. (Фото: Национална галерија)

    Личеноски (26.03.1901, Галичник – 10.04.1964, Скопје) се смета за еден од втемелувачите на ликовниот живот во Македонија. Еден е од најавтентичните сликари на македонскиот пејзаж („Бачила”, „Долап”, „Афионски полиња”, „Охридски рибари”), во кој внесува и фоклорни елементи. Сликал мртва природа и портрети, а создавал и мозаици. Заедно со Димитар Пандилов-Аврамовски и Никола Мартиноски го означува почетокот на современата ликовна уметност во Македонија.

    „Сѐ што работел, работел со многу љубов“, вели Вергоски.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира