ПОВЕЌЕ ПОЛИТИЧАРИ ОД УМЕТНИЦИ НА ОТВОРАЊЕТО НА „БРАЌА МАНАКИ“

    ПОВЕЌЕ ПОЛИТИЧАРИ ОД УМЕТНИЦИ НА ОТВОРАЊЕТО НА „БРАЌА МАНАКИ“„Браќа Манаки“ отвори со перформансот во режија на Нела Витошевиќ и кореографија на Искра Шукарова, во кој учествуваа Сашко Коцев и танчерите од одделот за современ танц на ФМУ од Скопје (Фото: „Браќа Манаки“)

    Имаше повеќе политичари од уметници на свеченото отворање на 38. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ синоќа во Битола. Црвениот тепих послужи за дефиле на кандидати за градоначалници, советници и други политичари, а уметниците барем од Битола се броеја на прсти. Сепак, меѓу нив не беше актуелниот градоначалник Владимир Талески кого организаторите на претходните пресови го обвинија дека со месеци ги игнорирал. Покрај групата филмаџии кои допатуваа од Скопје, забележително беше дека отсуствуваат битолските актери, имаше само неколкумина.

    Во име на славниот италијански кинематографер Џозепе Ротуно, добитник на Златна камера 300 за животно дело, наградата ја прими неговиот некогашен студент, а сега кинематографер Лука Коасин, кој ја замоли публиката во салата да аплаудира за да ја сними и таа снимка да му ја покаже на Ротуно (Фото: „Браќа Манаки“)

    Отворањето помина без големи помпи, гламур. Вниманието на црвениот тепих го привлекоа повеќе девојки со скапи тоалети, а вечерта немаше позната филмска ѕвезда како што беше пракса до пред неколку години, кога фестивалот го водеше Лабина Митевска. Но, организаторите рекоа дека ѕвезди на овој фестивал се кинематограферите. Меѓу присутните филмаџии беше екипата на филмот „Насоки“ во бугарско-германско-македонска копродукција со кој беше отворена фестивалската програма.

    Политичарите на црвениот тепих ги засенија и гостите од Меѓународната федерација на кинематографери – ИМАГО. Додека првите се фотографираа, поминаа гостите од ИМАГО, предводени од поранешниот претседател Волтерс Нејџел, кој е редовен гостин на фестивалот, но никој не им обрна внимание од новинарските екипи.

    Свеченоста ја водеше Сашко Коцев, за разлика од минатите изданија кога водители беа битолски актери. Ова беше најкратката свечена програма со говори во последните години. Коцев го најави директорот на фестивалот Благоја Куновски-Доре како капитен на тимот, а тој изјави дека овие две години беа доста искушувачки, но дека со голема верба, ентузијазам,  издржливост  и голема одговорност го овозможиле одржувањето на овој фестивал.

    За гала отворањето се одржа  перформанс во режија на Нела Витошевиќ, во кој исто така не беа вклучени битолски уметници.

    Еден од лауреатите на фестивалот, славниот италијански кинематогрфер Џозепе Ротуно, добитник на наградата за животно дело Златна камера 300 не дојде во Битола поради староста. Но, преку видео порака и се обрати на публиката заблагодарувајќи се за наградата.

    Награда за животно дело Златна камера 300 доби францускиот и светски кинематографер Пјер Лом (Фото: Браќа Манаки“)

    Во име на Ротуно, заслужен за над 80 филмови кои ја дефинираа европската кинематографија, наградата ја прими неговиот некогашен студент, а сега кинематографер и член на жирито Лука Коасин. Тој  ја замоли публиката во салата да аплаудира за да ја сними и таа снимка да му ја покаже на Ротуно.

    Втората награда за животно дело Златна камера 300 му припадна на францускиот и светски кинематографер Пјер Лом, а му ја врачи претседателот Ѓорге Иванов кој е покровител на фестивалот. Лом за кинематиограферите рече дека тие се оној прв човек зад камерата што ни покажува од каде почнал филмот.

    Наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм, која ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија, оди за Вардар Филм, што одбележува 70 години од формирањето.

    „За жал, Вардар филм веќе не постои, па затоа нема кој да ја прими наградава. Ова е на некој начин постхумно доделување на наградата и тоа ја покажува нашата негрижа за културата и традицијата“, рече Роберт Насков, претседател на ДФРМ.

    Запрашан од новинарите на црвениот тепих дали покрај тристата маки успеаја годинава да го направат фестивалот „Браќа Манаки“, Насков одговори дека направиле убав фестивал. Одби да зборува зошто Македонија нема филм кандидат за годинешниот Оскар. Рече „денес темата е за Манаки и да зборуваме за убави работи.“

    На местото на македонски филм со кој последниве години се практикуваше да се отвора фестивалот, годинава беше прикажан петминутниот нов краток филм на Милчо Манчевски „Крајот на времето“ снимен во Куба, кој во Битола ја имаше својата македонска премиера. Потоа следуваше  проекцијата на филмот „Насоки“, приказна за поткупливоста на властите, непостоењето на правна држава, сиромаштијата, разочараноста и обидот на луѓето да заминат надвор од Бугарија, иако е членка на ЕУ. Опишаната ситуација во филмот многу наликуваше на македонското секојдневие иако тие се во ЕУ.

    По проекцијата пред публиката се поклони дел од филмската екипа, предводена од продуцентите Владимир Анастасов и Ангелина Несторовска од „Сектор филм“, како и актерите и кинематограферот Веселин Христов.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира