Претставата „Зимска бајка“ од Вилијам Шексир што ќе ја режира Слободан Унковски во Македонскиот народен театар (МНТ) е најскапиот проект од драмската дејност поддржан на годинашниот конкурс на Министерството за култура за финансирање културни проекти од национален интерес. За претставата на Унковски, еден од најзначајните македонски театарски режисери, кој по долги години повторно ќе работи во МНТ и во Македонија, одобрени се четири милиони денари (65.000 евра).
„Зимска бајка“ е една од трите претстави на МНТ кои поминаа на конкурсот и за кои вкупно ќе бидат издвоени 5.600.000 денари (скоро 100.000 евра).
Драмски театар во Скопје ќе прави четири нови претстави со парите од конкурсот, при што најмногу, три милиони денари (над 48.000 евра), доби „Моето име е Горан Стефановски“, во режија на Бранислав Миќуновиќ.
Третата најскапа претстава според одобрените средства (2.600.000 денари или околу 40.000 евра) е „Привиденија од сребрениот век“, што треба да се постави во Албанскиот театар во Скопје.
Со годишната програма се одобрени вкупно 63.287.000 денари (околу 1,1 милиони евра) за 68 претстави во националните установи, меѓу кои уште една по текст на Шекспир, „Кралот Лир“ во Центарот за култура во Дебар.
Режисерот Андреј Цветановски доби вкупно 2.900.000 денари (над 45.000 евра) за три претстави во Велешки, Прилепски и Штипски театар, а две претстави на Нела Витошевиќ ќе бидат финансирани со вкупно 2.600.000 денари (околу 40.000 евра).
Театарот за деца и младинци во Скопје доби вкупно 2.900.000 денари (над 45.000 евра) за две нови претстави.
Г. КОНЕВ