ПРОЕКТОТ „СЕГА“ НА БЕКИР АДЕМИ И ГРУПА АРХИТЕКТИ ОДИ НА БИЕНАЛЕТО НА АРХИТЕКТУРА ВО ВЕНЕЦИЈА

    ПРОЕКТОТ „СЕГА“ НА БЕКИР АДЕМИ И ГРУПА АРХИТЕКТИ ОДИ НА БИЕНАЛЕТО НА АРХИТЕКТУРА ВО ВЕНЕЦИЈАБекир Адеми е наградуван архитект, кој стои зад реконструкцијата на Плоштадот Скендербег во Скопје и Тетовскиот театар. (Фото: Твитер)

    Проектот „Сега“ на група архитекти на чело со Бекир Адеми е македонски претставник на 17. Биенале на архитектура во Венеција (23 мај-29 ноември), соопшти Министерството за култура. „Сега“ е проект на проектантското биро „Бина архитектура“ на Адеми со групата коавтори Ана Рафаиловска, Јордан Шишовски, Амине Адеми, Енис Абовски, Енес Север, Дрен Невзати, Атанас Наумовски, Гаврил Бошковски, Елмедина Хасани, Нита Чаволи, Аида Бакали Салиху, Ивана Чаловска. Бекир Адеми е наградуван архитект, кој стои зад реконструкцијата на Плоштадот Скендербег во Скопје и Тетовскиот театар.

    Комесар на проектот е Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија на Северна Македонија, куратори се Бекир Адеми и Јордан Шишовски, а соработници се професорот Ферид Мухиќ и Рамуш Муарем.

    Министерството вели дека тимот кој ќе го подготви павилјонот е сочинет од архитекти, инженери, графички дизајнери и уметници со различна професионална специјализација и лица со различна етничка провениенција, кои ќе го претставуваат мултиетничкиот карактер на земјава.

    Годинава носечка тема на Биеналето е „Како ќе живееме заедно“, а куратор на Биеналето е Хашим Саркис, архитект и експерт на Универзитетот МИТ во САД.

    За национален претставник на најважната архитектонска смотра одлучувала комисија во состав Трајче Блажевски, Имер Бајрами, Џемил Бектович, Агрон Салиу и Александар Андовски. На Конкурсот пристигнале две пријави, на „Бина“ и проектот на Благоја Бајковски.

    „При увидот во пријавите, Комисијата утврди дека проектот на Бајковски не ги исполнува условите пропишани во Конкурсот, односно дека на Конкурсот право на учество имаат правни лица, односно установи од областа на културата (национални, локални, приватни), здруженија, сојузи, асоцијации и други субјекти регистрирани за вршење на дејност од областа на културата/архитектурата. Токму затоа, проектот на Бајковски не беше земен предвид во натамошниот процес на разгледување и одлучување“, велат од кабинетот на министерот Хусни Исмаили.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира