Мјузикл со учество на над 100 уметници е третиот голем проект од прославата на 35 години независност на Македонија. Тој ќе се изведе во 15-ина градови низ земјава во текот на август и септември, а неговиот идеен творец и режисер е Дејан Пројковски.
„Проектот е замислен како музичко-сценски перформанс, чија тема е 35 години независност на Македонија. Тој ќе ги спои сите важни моменти од овие 35 години кои нѐ обединуваат и нѐ прават горди и среќни, се разбира, низ една уметничка перспектива. Овој перформанс нема да биде некаква хронологија, туку низ едно музичко-сценско патување ќе одиме низ тие 35 години и ќе ги споиме генерациите. Ова ќе биде еден од најголемите сценски спектакли на отворено. ќе спои пејачи, музичари и актери, ќе ги споиме сите уметности. Покрај големиот број уметници на сцената, ќе имаме сериозна техника и технологија“, најави Пројковски.
Водител на приказната низ тие 35 години ќе биде Игор Џамбазов.
„Среќен сум и почестен што сум одбран како церемонијал-мајстор на овој мултимедијален спектакл. Ќе се обидеме овој празник да важи за сите, за сите граѓани на независна Република Македонија. Не дека досега не било така, но овојпат ќе се стави посебен акцент на тоа дека сите го прославуваме ова. Во настанот ќе бидат вметнати и големите успеси на државата, на нашиот спорт, на нашата уметност. Ќе се обидеме да правиме муабет за убавите работи, тоа е модерно во последните шест месеци. Би сакал на оваа прослава да се радуваме на нашето постоење, на постоењето на нашата држава“, рече Џамбазов.
Покрај мјузиклот, за кој други детали не беа објавени, 35 години независност ќе бидат прославени и со настапот на Дејвид Гета на стадионот „Тоше Проески“ и со музичкиот спектакл на плоштадот Македонија во Скопје, на кој главна ѕвезда ќе биде шпанскиот тенор Хозе Карерас.
Г. КОНЕВ



