Во Битола, родниот град на легендарниот композитор Кире Костов, на 27 август од 19 часот во Офицерски дом, ќе се одржи промоција на монографијата за него, „Летај низ солзи мој, галебе мој тажен“. Монографијата е насловена по неговиот голем хит кој го испеа Верица Ристевска, а автори се музикологот Марко Коловски и пијанистката, професорка по пијано и музичка публицистка Снежана Чадиковска-Атанасова.
Костов почина во 2023 на 74 години.
„Во градот каде што ги направи првите музички чекори, ќе се одржи промоцијата на монографијата посветена на маестро Кире Костов, трубач, композитор, аранжер и диригент чијшто звук остана дел од колективното паметење на Македонија. Монографијата претставува сведоштво за неговиот творечки опус, од првите композиции, преку долгогодишната работа во Танцовиот оркестар на МРТ, до неговите најпознати песни кои станаа културно наследство. Таа е и омаж на еден живот исполнет со музика, посветеност и љубов кон уметноста“, вели промоторката на настанот. новинарката Љубица Ангелкова.
Ангелкова додава дека настанот ќе ја собере публиката, семејството, колегите и пријателите за да му оддадат почит на човекот кој ја носеше Битола и Македонија во својот опус.
Во чест на Костов, наскоро ќе се одржи и концерт во Националната опера и балет (НОБ), најави претходно неговата сопруга, професорката по пијано Кармен Костова.
Монографијата е издание на „Арс Ламина“, има околу 250 страници и е поделена во два дела. Во првиот дел е животот на Кире Костов со повеќе соговорници, неговите пријатели и соработници.
Вториот дел е анализа на делата на Кире Костов како трубач, композитор и како педагог, диригент на џез оркестарот на Факултетот за музичка уметност (ФМУ). Професорката Костова вели дека тој е еден од основачите на Отсекот студии популарни жанрови на ФМУ.
„Немав поим дека Кире има напишано околу 700 нумери, не знаев ни дека има снимено толку минути во студијата на МРТВ и како диригент и како трубач, останав вџашена кога дознав. Тој беше скромен човек и за тоа многумина му замеруваа“, ни рече Кармен Костова.
М. ЏАРОВСКА