Распродадени се билетите за отворањето на 23. издание на Фестивалот на европски филм Синедејс во Скопје, закажано за на 11 јули во паркот зад Младинскиот културен центар (МКЦ), сооптшти фестивалот. Синедејс се отвора со македонската премиера на македонско-данскиот музички документарец „Ефтеркланг: Македониум бенд“, прв филм во продукција на МКЦ.
Се снимаше во април 2023 и го следи патешествието на данската група „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, за да се состави голем ансамбл кој би извел перформанс пред споменикот „Македониум” во Крушево. Филмот имаше светска премиера во Копенхаген на фестивалот CPH-DOX на 23 март.
На Синедејс до 17 јули ќе се прикажат повеќе од 40 филмски наслови. Под слоганот „Како е? Викај ура“, настаните ќе се одржуваат во паркот зад МКЦ, киното Фросина и во Летното кино на Кинотеката.