РАСПРОДАДЕНИ СЕ СИТЕ ПРЕТСТАВИ НА ФЕСТИВАЛОТ РУТА ВО СКОПСКИ ДРАМСКИ ТЕАТАР, ДОАЃААТ ШЕРБЕЏИЈА, МАРИЌ, ПОПОВСКИ

    РАСПРОДАДЕНИ СЕ СИТЕ ПРЕТСТАВИ НА ФЕСТИВАЛОТ РУТА ВО СКОПСКИ ДРАМСКИ ТЕАТАР, ДОАЃААТ ШЕРБЕЏИЈА, МАРИЌ, ПОПОВСКИОтворањето е со утре со претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, со Раде Шербеџија, Катарина Бистровиќ-Дарваш, Вања Ненадиќ и Милан Мариќ. (Фото: К. Вуловиќ)

    Распродадени се билетите за сите шест претстави на фестивалот РУТА Група Триглав, кој од 14 до 19 октомври ќе се одржува во Драмски театар во Скопје, најави денеска директорката на Драмски, Катарина Коцевска-Хаџи Василева.

    Станува збор за фестивал на Регионалната унија на театри – РУТА Група Триглав, во која членуваат: Београдско драмско позориште, Камерни театар 55 од Сараево, театар Улисис од Загреб, Месно гледалишче Љубљана и Градско позориште Подгорица.

    „Фестивалот е основан во 2019 и е одржува на секои два месеца во еден од шесте театарски центри, а поради ковид пандемијата, за првпат се одржува во Драмски театар. Огромно е задоволството дека претставите се распродадоа уште пред да бидат изрекламирани“, кажа Коцевска-Хаџивасилева на денешната прес-конференција.

    Отворањето е со утревечер во 20 часот, со претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, со Раде Шербеџија и Милан Мариќ, кој е најпознат по улогата на Тома Здравковиќ во српскиот филм „Тома“. Претставата е во режија на Ленка Удовички според текстот на Едвард Олби.

    Београдско драмско позориште учествува со претставата „Диво месо“ по текстот на Горан Стефановски, на режисерот Јагош Марковиќ, на 15 октомври.

    Македонскиот режисер Александар Поповски доаѓа со претставата „Хероини“ по Овидиј од Месно гледалишче Љубљана (16 октомври), а Градско позориште Подгорица на 17 октомври со претставата „Коњите убиваат, зар не?“ во режија на Кокан Младеновиќ.

    Комедијата „Мирна Босна“ во изведба на Камерни театар 55 од Сараево, е на програмата на фестивалот на 18 октомври. Режисер на претставата е Саша Пешевски.

    Затворањето на Фестивалот  е со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар Скопје на 19 октомври, на режисерката Зоја Бузалковска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира