Претстава со наслов „Разбуди се Като“, уште ниту еднаш неизиграна пред публика веќе направи проблем во Битола. Битолскиот Завод и музеј не му да даде дозвола на драмското студио „Солза и смеја“ од Битола да може годинашната комедија „Разбуди се Като“ да ја изведе во античкиот локалитет Хераклеја.
По 13 години соработка, летово нема да настапат таму зашто културната установа заклучила дека претставата не е долична да се игра во античкиот локалитет.
„Годинава добивме корпа бидејќи не била адекватна оваа претстава да се игра во античкиот локалитет, така одлучи Завод и музеј од Битола, а не ја ни погледаа претставата. Откако им се јави еден човек од битните луѓе од Битола ја преправија одлуката, дозволија, но да сме плателе однапред. Ние и тоа ќе го прифатевме, но сепак одлучивме после сите случувања „Разбуди се Като“ да ја одиграме на матичната сцена во климатизираната сала на Центарот за култура- изјави актерот Александар Димитровски.
Од битолскиот Завод и музеј велат дека на Управен одбор било одлучено да се направи рестрикција на настаните кои се одржуваат во Хераклеја зашто е споменик на културата од највисока категорија. Така, одлучиле таму да се одржуваат само настани од највисоко ниво.
„Сепак за да не бидеме цензори, одлучивме да им излеземе во пресрет, па побаравме да го платат долгот од минатите три години кога настапувале во Хераклеја. Им рековме да дојдат да земат фактура нека платат и нема проблем нека ја одржат претставата“ изјави директорт на Заводот , Зоран Алтипармаков за „САКАМДАКАЖАМ.МК“.
Од „Солза и смеја“ објаснуваат дека тие немаат долгови кон Заводот зашто минатите години настапувале во рамки на „Битфест“ и од таму им биле обезбедени просторот и техничката опрема.
Духовитоста на „Солза и смеја“ ја достигна кулминацијата со изборот на драмата „Разбуди се Като“ во период кога во Македонија е актуелна работата на СЈО и Катица Јанева. Претставата ќе се игра на 19 и 20 јули во Центарот за култура во Битола. Битолчани со нетрпение очекуваат да видат дали темата е поврзана со актуелната политичка ситуација и Катица Јанева.
Но, актерите откриваат дека нивната Ката не е обвинителка и нема врска со Јанева. Ката во претставата е стриптизерка која доаѓа во станот на Никола кој е оженет човек да го забавува со пријателите. За да може на рааат да се забавуваат, тој жената и тештата ги праќа на село. Но, се тргнува наопаку кога на Ката наместо апче за глава и даваат апче за спиење, па таа му заспива во станот и не можат да ја разбудат.