РИСТО СТЕФАНОВСКИ ГО СОЗДАДЕ ДРАМСКИ ТЕАТАР, А ДРАМСКИ НЕ СЕ СЕТИ НИ КОМЕМОРАЦИЈА ДА МУ НАПРАВИ, ВЕЛИ АКТЕРОТ ЈОВИЦА МИХАЈЛОВСКИ

    РИСТО СТЕФАНОВСКИ ГО СОЗДАДЕ ДРАМСКИ ТЕАТАР, А ДРАМСКИ НЕ СЕ СЕТИ НИ КОМЕМОРАЦИЈА ДА МУ НАПРАВИ, ВЕЛИ АКТЕРОТ ЈОВИЦА МИХАЈЛОВСКИОсновачот на Драмски театар Ристо Стефановски со Јовица Михајловски и Горан Стефановски на една средба во скопско Дебар Маало. (Фото: Приватна архива)

    Драмски театар во Скопје треба да најде време и простор за јавно одбележување на ликот и делото на Ристо Стефановски, вели актерот Јовица Михајловски, по повод смртта на легендарниот театролог, долгогодишен театарски работник и театарски историчар кој 26 години беше директор на оваа инстутција, а кој почина на 22 март на 94 години. Стефановски беше директор на Драмски од основањето во 1957 до 1983.

    „Ристо го создаде Драмски, тој ја избра екипата, да не беше Ристо можеби ќе го немаше ни Драмски и еве, веќе четврта недела како замина, а јас чекам неговиот Драмски театар Скопје да објави простување како што доликува на основачот и најзаслужниот за ѕвездените успеси на Театарот, како најтрофеен репрезент на македонскиот театар во регионот и пошироко во европски и светски релевантни театарски светилници. Зошто нема комеморација во Драмски театар? Башка што и сегашната в. д. директорка е примена на прва работа во Драмски баш во мандатот на Ристо. Нашиот Ристо е физички отсутен, но духовно, научно е најприсутен во историјата на македонскиот театар. Факт и прилика за Драмски театар да си го потврди и одбележи како свое наследство и придобивка, институцијата која тој ја создаде и обликува во паметник“, вели актерот Михајловски, кој целата своја професионална кариера ја има поминато како член на ансамблот на Драмски театар.

    Под раководство на Стефановски, Драмски театар го остварува најголемиот подем потврден од најпрестижните театарски фестивалски награди и сојузни признанија на тогашната СФРЈ. Автор е на 12 тома од книгите „Театарот во Македонија“, и меѓу другите на „Летопис на македонската драма и театар“,„Монографија – 30 години Драмски театар“, „Мојот театар – Театарски вистини, записи, сведоштва, сеќавања“ и други. Стефановски го обмислува, реализира и уредува театарското списание „Театарски гласник“ од 1977 до крајот на животот.

    „Ако не се сетија во Драмски, Ристо Стефановски заслужи комеморација и во Македонскиот народен театар во кој дојде како директор во 1983 и таму беше до 1988. Токму во негово време, со ‘Среќна Нова ’49’ МНТ ги доживуваше ѕвездените мигови“, вели Јовица Михајловски.

    „Не ни требаат Бугари да се обезличиме. Сами знаеме најдобро да си ги сотираме корените“, резигнирано вели Михајловски за тоа што ниедна од институциите каде Стефановски остави историска трага не најде за сходно да го испочитува со комеморација за одбележување на неговото дело.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира