РИТУАЛНА УМЕТНОСТ ОД ЗАПАДНА АФРИКА НА ИЗЛОЖБА ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА

    РИТУАЛНА УМЕТНОСТ ОД ЗАПАДНА АФРИКА НА ИЗЛОЖБА ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈАИзложените дела се дел од збирката на Музејот на африканска уметност во Белград, кој во својата обемна колекција има предмети од повеќе народи од Африка, а датираат од средината на 20. век (Фото: СДК.МК)

    Над седумдесет дрвени маски, скулптури, ткаенини и фотографии од Западна Африка содржи изложбата „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“, која утревечер во 20 часот ќе се отвори во Музејот на Македонија.

    Изложените дела се дел од збирката на Музејот на африканска уметност во Белград, кој во својата обемна колекција има предмети од повеќе народи од Африка, а датираат од средината на 20. век.

    Кустосот од белградскиот музеј, Александра Продановиќ- Бојовиќ на прес-конференцијата рече дека збирката е дело на југословенските дипломати Здравко и Вида Печер, кои живееле во Африка во 60-тите години на минатиот век.

    Директорот на Музејот на Македонија, Гордан Николов вели дека ова е прва изложба во Македонија на африкански експонати, и дека е иницијатива на археологот и историчар на уметност Гоце Наумов.

    Костадин Шурбановски од СЏФ, археологот и историчар на уметност Гоце Наумов, кустосот од белградскиот музеј, Александра Продановиќ- Бојовиќ и директорот на Музејот на Македонија, Горад Николов на денешната прес-конференција (Фото: СДК.МК)

    Според Наумов, предметите се претежно од Мали, Буркина Фасо, Гана, Брегот на слоновата коска, Гвинеја и се поврзани со култовите на плодноста и предците, како и со обредите за иницијација и погребувањата.

    Изложбата се организира во партнерство со Скопскиот џез фестивал поради долгогодипните врски со африканската култура.

    Костадин Шурбановски од СЏФ кажа дека со оглед на тоа дека фестивалот почнува в четвррток, утревечер по отворањето, ќе има забава со африкански музичари во арт-кафе „Менада“

    Наумов додаде дека изложбата ќе трае до 17 декември, до кога ќе има работилници, филмски проекции, предавања со цел поголема актуелизација на проектот, кој го подготвувале речиси година и половина.

    За вгодина, Наумов ја најави и изложбата со работен наслов „Африка во Македонија“, а деталите за неа ќе бидат објавени по завршувањето на изложбата „Духовите на Африка“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира