РИЗОВА-ЧЕРНИХ Е В. Д. ДИРЕКТОРКА НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА, А ДАРКО ЈАН СПАСОВ УМЕТНИЧКИ РАКОВОДИТЕЛ, СЕ ДОГОВОРИЈА СТЕФОСКА И ГЛУМЦИТЕ

    РИЗОВА-ЧЕРНИХ Е В. Д. ДИРЕКТОРКА НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА, А ДАРКО ЈАН СПАСОВ УМЕТНИЧКИ РАКОВОДИТЕЛ, СЕ ДОГОВОРИЈА СТЕФОСКА И ГЛУМЦИТЕДарко Јан Спасов, Магдалена Ризова-Черних, министерката за култура Стефоска и Нора Шаќири-Марковиќ со дел од ансамблот на Театар Комедија. (Фото: Фејсбук на Ирена Стефоска)

    Актерката Магдалена Ризова-Черних ќе биде в. д. директорка на Театар Комедија, а драматургот Дарко Јан Спасов ќе биде уметнички раководител, се договорија денеска министерката за култура, Ирена Стефоска и вработените во Театарот. Министерката ги информирала вработените дека согласно Законот за култура, денеска е објавен Јавниот оглас за нов директор со полн мандат од 4 години.

    На 24 ноември, Стефоска ја разреши досегашната в. д. директорка Нора Шаќири-Марковиќ откако го добила извештајот од Државниот инспекторат за труд каде стои дека таа презела активности спротивни на член 34 став 1 алинеа 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, член 8-а став 1 алинеа 3 од Изборниот законик и член 11 од Законот за заштита од вознемирување на работно место.

    Попладнето по разрешувањето, вработените во Театар Комедија преку видео на Фејсбук реагираа оти не се согласуваат со одлуката на Министерството за култура за разрешување на Шаќири-Марковиќ и назначување на Ризова-Черних за нова вршителка на должноста. Тие побараа од Стефоска на оваа функција да го постави драматургот Дарко Јан Спасов.

    „Министерката и Театар Комедија се договорија во следниот период да го одржат професионалното ниво на соработка и високото реноме на институцијат“, велат од кабинетот на Стефоска.

    На средбаа е договорено  за времетраењето на огласот за нов директор, што е 15 дена, в. д. директор на установата да е актерката од редот на вработените Ризова-Черних, а уметнички раководител да е Спасов.

    „Министерката Стефоска и ансамблот на Театар Комедија изразуваат искрена желба на Јавниот оглас да се пријават сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите, и најквалитетниот кандидат да биде избран за директор со редовен мандат“, велат од Министерството.

    Шаќири-Марковиќ дојде на функцијата на 2 февруари годинава, откако Стефоска го разреши дотогашниот директор Сашо Ристовски поради неправилности во работењето.

    Театар Комедија е основан во 2011, и е сместен во зградата на некогашниот Театар „Центар“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира