СЀ ДОДЕКА НЕ СЕ САНИРА ГЛЕДАЛИШТЕТО НА ТЕАТАРОТ ВО СТОБИ, ТАМУ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИГРААТ ПРЕТСТАВИ

    СЀ ДОДЕКА НЕ СЕ САНИРА ГЛЕДАЛИШТЕТО НА ТЕАТАРОТ ВО СТОБИ, ТАМУ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИГРААТ ПРЕТСТАВИПоловината која се користеше за публиката, не може да биде користена оти мермерот се распаѓа, а ѕидовите кои се темел кој ги држи тие блокови, пропаѓаат надолу. (Фото: СДК.МК)

    Фестивалот на античка драма „Стоби“ неколку години се одржува во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес. Поради реконструкција, реставрација, конзервација и археолошки истражувања на најатрактивниот објект во археолошкиот локалитет Стоби, театарот не може да се користи за одржување на претстави, како дел од манифестацијата која таму се одржуваше од 2001 до 2013. Раководителот на проектот за археолошки истражувања Гоце Павловски, вели дека има уште доста работа додека театарот во Стоби повторно да прими публика.

    „Фестивалот му го враќаше духот на театарот и локалитетот. Со него оживуваше и не беше нем споменик на едно време. Публиката со нејзиното присуство ја чувствуваше грандиозноста, но и искусуваше слична програма која се случувала тука пред многу векови. За жал, театарот не може да се користи, сѐ додека не се заврши конзервацијата, реставрацијата, реконструкцијата. Проектот е од 2013 , конзервирани се лежиштата за седиштата, останува да бидат вратени мермерните блокови, за да го ставиме театарот во функција“ , кажа Павловски, кој е археолог во Националната установа „Стоби“.

    Во 1992, со претставата „Електра“ почна да се играат претстави во театарот во организација на Велешкиот театар и десетина години беше со по една претстава годишно. Од 2001 започна да се организира Фестивалот на античка драма „Стоби“, кога имаше и по шест-седум претстави во текот на две седмици во летниот период. Последен пат во локалитетот Стоби се одигра претстава во август 2021, но на просторот од Теодосијанската палата кога беше изведена претставата „Орестија“ од Есхил.

    „Половината која се користеше за публиката, не може да биде користена оти мермерот се распаѓа, а ѕидовите кои се темел кој ги држи тие блокови, пропаѓаат надолу. Постои опасност и за публиката и за уништување на објектот. Сѐ додека трае проектот не може да се прима публика. Но, доколку во иднина се добијат потребните средства, дали од државата или од некој од фондовите на ЕУ, или трета институција, може да се реконструира оваа половина и како театарите во Охрид или во Хераклеа, да биде место за разни случувања, не само за театарски претстави туку и концерти. Тоа ќе значи популаризација на локалитетот“ , додаде Павловски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира