СЀ ШТО СМЕ ИМАЛЕ СМЕ СИ КАЖАЛЕ СО ГОРАН, НЕМАМ ПОТРЕБА ДА СЕДНАМ НА КЛУПАТА, ВЕЛИ УНКОВСКИ

    СЀ ШТО СМЕ ИМАЛЕ СМЕ СИ КАЖАЛЕ СО ГОРАН, НЕМАМ ПОТРЕБА ДА СЕДНАМ НА КЛУПАТА, ВЕЛИ УНКОВСКИУнковски, Стефановски и дизајнерот Мирко Илиќ во скопско Дебар Маало во 2013 година. (Фото: Фејсбук на Унковски)

    Не сум седнал ниеднаш на клупата на Горан Стефановски…тоа е комплексно, немам потреба да седнам таму, вели најреномираниот македонски режисер со европска кариера Слободан Унковски, најблизок соработник и пријател на култниот македонски драматург кој почина во 2018 на 66 години.

    Клупата на Стефановски после една година изработка, долги ковид-месеци во магацин, од 19 август е е поставена во неговото омилено Дебар Маало, во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“.

    Унковски, на крајот на синоќешното интервју за емисијата „24 анализа“ на прашањето на новинарката Биљана Секуловска, што му зборува на Стефановски кога ќе седне на клупата, тој кажува дека досега не седнал.

    „Напишав еден голем есеј, ќе излезе во Америка во една книга со собрани драми од Горан. Тоа да. Немам што да му кажам. Со него и за политика многу малку сме дискутирале и порано. Толку. Немам што да одговорам“, рече Унковски.

    На годишнината од смртта на Стефановски, Унковски на својот фејсбук профил објави дел од неговиот текст „Хотел Карпош“ за Горан во Антологијата на драми од Горан Стефановски во издание на „Лаертесбукс“ од САД, на кое уредник е Нина Камберос.

    „Сега седиме во хотел Карпош, до Драмски театар, со брат му на Горан, Влатко, виртуоз на гитара, битно име во музичка Европа и со неколкуте актери, потенцијални сирачиња без идните текстови на Горан, и се сеќаваме на некои среќни моменти со големиот автор. Комеморацијата за Горан тукушто заврши.
    А јас си замислувам како да гледам, заедно со Горан, сеедно невозможно, како тој самиот лежи во англиска болничка соба, како излезена од англиски воен филм.
    ….
    А низ таа голема толпа како да ги гледам и Битлси, чии сите песни Горан ги знаеше напамет, со неговата членска карта од нивниот фан клуб број 2003, ко некаква пропусница, а театарската публиката од Скопје, Белград, Љубљана, Сараево, Подгорица, Загреб, Москва, Лондон, Стокхолм, Антверпен, Виена, Париз, го исполнила асфалтниот пат од 15-тина километри што води од болница до неговото Кентербери. Го гледаме тоа со Горан, и тој, сеедно што не говори и изгледа како да не слуша, се смешка тајно, ме прегрнува со едната рака и ми испраќа една од неговите убиствено саркастични реченици што нема никогаш да ја дознаеме. Група Дебар маалци, задоцнети, се пробиваат низ народот и го скандираат неговиот дебармаалски прекар…
    А во реалноста, навечер, Пат, Јана и Игор Стефановски, се сами со Горан во болничката соба, и Игор, го потпира својот мобилен до увото на Горан, а јас реков од Скопје: Овде Унко, знаеш колку многу ….Или можеби не реков ништо зошто ми се стори како да зборував со самиот себе си, на умирање“, е дел од извадокот на текстот.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира