САКАМ ДА ГИ НАСЛИКАМ ОЏАЦИТЕ НА РЕК БИТОЛА, ВЕЛИ СЛИКАРОТ МИРО МАСИН ПРЕД НОВАТА ИЗЛОЖБА

    САКАМ ДА ГИ НАСЛИКАМ ОЏАЦИТЕ НА РЕК БИТОЛА, ВЕЛИ СЛИКАРОТ МИРО МАСИН ПРЕД НОВАТА ИЗЛОЖБА„Се е измислено и направено, и модерна и постмодерна, и јас сум правел перформанси, видеа, немам предрасуди, си барам медиум кај што можам некоја идеја да ја реалзирам најлесно, со помалку работа“, вели сликарот Мирослав Масин (Фото: СДК.МК)

    „Од кујната на Миро Масин“ е насловена изложбата која ќе се отвори утре во 18 часот, во галеријата „Акантус“ во скопско Дебар Маало. Уметникот ја најавува како „мала групна изложба на Масин“, со 52 дела од разни циклуси од изминатите години, и едно дело од 2019.

    Авторот на текстот во каталагот Тихомир Јанчовски вели дека како и многу други сликари, Масин дошол во фаза кога не слика само на правоаголни платна, класично, туку на сѐ што има површини за сликање. Криви, овални, вдлабнати, испакнати.

    Гитари и тамбури насликани од Масин (Фото: СДК.МК)

    „Сѐ е измислено и направено, и модерна и постмодерна уметност, и јас сум правел перформанси, видеа, немам предрасуди, си барам медиум кај што можам некоја идеја да ја реализирам најлесно, со помалку работа. Сега предизвик ми се оџаците на РЕК Битола (ха, ха)“, рече денес Масин на прес-конференцијата.

    Масин вели дека на 56 години ужива во професијата, и дека со годините сè повеќе ужива во работата.

    „Не е лесно да бидеш невработен сликар во ваква мала држава кај што има стално превирања. Не ми е целта да се допаднам, туку сакам прво мене да ми е ќеф, на пријателите, а потоа судот на јавноста. Сега сум поопуштен и можам да си го до дозволам тоа“, додава Масин.

    „На изложбата освен ‘нормални’ слики од циклусот ‘Ашанте’, има и повеќе музички инструменти, што се исправни и можат да свират, ама се осликани. Неколку гитари, две манодолини, балалајка, овие свират, не се само убави. Има и труба и виолина, ама се скулптури светилки. Сликарството на Масин на оваа изложба е во огромен дел апстрактно, и не е многу податно за прецизни толкувања. Ич да не ви е важно што сакал тој да претстави и дали насликаното е во некаков тон, каква му е идејата, приказната и слично. Гледајте вие да најдете нешто што ќе ве поврзе со формите и боите што ги гледате. И ако ви успее, најдете во делото сопствена приказна“, пишува Јанчовски.

    Изложбата на Масин ќе трае до 4 мај (Фото: СДК.МК )

    Уметницата Дијана Томиќ-Радевска од „Акантус“ рече дека целта на галеријата, која постои две години, е да направи избор на сликари кои претставуваат богатство во македонската култура, „а кои во некој период не биле поканети и третирани од државните институции во посериозна смисла“.

    До крајот на годинава ќе има повеќе од седум изложби, меѓу кои на Илија Пенушлиски во јуни и на Газанфер Бајрам во октомври.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари