„САМОУНИШТУВАЊЕ“ ИГРА ВО КИНОТЕКАТА ВО ЧЕСТ НА 30-ГОДИШНИНАТА ОД ПРЕМИЕРАТА

    „САМОУНИШТУВАЊЕ“ ИГРА ВО КИНОТЕКАТА ВО ЧЕСТ НА 30-ГОДИШНИНАТА ОД ПРЕМИЕРАТАУникатна појава во македонската кинематографија е ликот на Куплунг на Јовица Михајловски. (Фото: СДК.МК)

    Вечерва (петок, 19 јуни)  во 20:30 часот во Кинотеката ќе има проекција на филмот „Самоуништување“ на Ербил Алтанај, во чест на 30-годишнината од премиерата. Филмот е снимен по сценарио на Сашко Насев, со Јовица Михајловски во главната улога. Михајловски беше и продуцент на филмот.

    „Самоуништување“ е црна комедија и сатира за општеството во транзицискиот период во Македонија, чија премиера беше во мај пред 30 години. Покрај Михајловски играат и Катерина Коцевска, Силвана Ерац, Благоја Чоревски, Тони Михајловски, Оливер Митковски, Бајруш Мјаку.

    „Самуништување“ е проект на приватната продуцентска куќа „Нова продукција – Скопје“ на Јовица Михајловски, Георги Симеонов и Сашко Насев, формирана наменски за овој филм. Сценарист е Насев, тогаш беше веќе успешен и популарен драмски писател, денес универзитетски професор на скопскиот Факултет за драмски уметности, а неговото сценарио има работен наслов „Прирачник за самоуништување“. Неговите драми „Чија си“, „Грев или шприцер“ и „Женски оркестар“ на почетокот на 1990-те уриваа рекорди на гледаност во Драмски театар Скопје.

    Актерот Михајловски беше веќе етаблиран низ десетици драмски претстави, играни и ТВ филмови и серии, а играл во сите претстави според текстовите на Насев.

    Во 2021, во чест на 25-годишнината на филмот, филмскиот критичар Стојан Синадинов напиша дека еден од трите елементи што го одредуваат „Самоуништување“ како уникатна појава во македонската кинематографија е ликот на Куплунг на Михајловски.

    „Уникатен според бестијалниот карактер на сексуален предатор, тој саможив балканоиден мачомен на Михајловски веднаш по премиерата на филмот стана општопопуларен ‘чичко Куплунг’, антихерој со култни и често цитирани реплики. ‘Ќе ти купам десетка (ќебапчиња) со кромид да се осеќаш ко кинеска краљица!’ е една од нив. Реализиран во манир на ‘one man show’, Куплунг од ‘Самоуништување’ е предвесник на тоа што денес се (анти)јунаците што ги гледаме во бројните реални шоу на телевизиите“, напиша тогаш Синадинов.

    „Самуништување“ е дебитантски долгометражен игран филм на турскиот режисер Ербил Алтанај. Во 1970-те години тој е дел од новиот бран на кинематографијата во Турција со левичарски политички ангажман, најчесто како прв соработник-асистент на Зеки Октен, еден од најзначајните филмски автори во турската кинематографија на преминот на двата века, како и на Мехмет Аслан, Ергин Орбеј и други. По воениот пуч во Турција во 1980, Алтанај заминува од татковината и до крајот на првата декада на 21 век со сопругата живее во Скопје, по што се враќа во Истанбул. Пред „Самуништување“ режирал десетици епизоди од ТВ серијата „Македонски народни приказни“, а во 2004 во Турција го режира филмот „Во моето богатство има убава девојка“. Благодарејќи на Алтанај и копродуцентите на филмот, „Самуништување“ во 1997 добива и верзија насинхронизирана на турски јазик под насловот „Прирачник за самоубиство“, за дистрибуција и киноприкажување во Турција.

    Триесет години по филмот, во Кумановскиот театар на 13 мај годинава премиерно се изведе претставата „Чичко Куплунг“ во режија на Јани Бојаџи, работена според пиесата „Прирачник за самоуништување“ од  Насев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира