СЕ ОТВОРА 75. КАНСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ, СЕ ВРАЌААТ ЗАБАВИТЕ И ХОЛИВУДСКИОТ СЈАЈ

    СЕ ОТВОРА 75. КАНСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ, СЕ ВРАЌААТ ЗАБАВИТЕ И ХОЛИВУДСКИОТ СЈАЈПрограмата на фестивалот се најавува како една од најдобрите во изминатите години (Фото: АП)

    Канскиот филмски фестивал се подготвува за своето 75. издание, кое ќе донесе комбинација од големи холивудски имиња, возбудливи дебитанти и поранешни освојувачи на Златна палма, што ќе биде блескаво враќање на фестивалот, иако врз него се надвиснува сенката на војната во Украина.

    „Верувам дека ова е една од најдобрите програми во Кан во последните години“, кажа Скот Роксборо, шефот на европскиот оддел на „Холивуд рипортер“.

    Фестивалот ќе трае од 17 до 28 мај, враќајќи го својот традиционален термин по две години нарушување поради пандемијата. Во 2020 беше откажан, а лани беше префрлен во јули.

    Оваа година се враќаат и забавите, а меѓу присутните суперѕвезди од Холивуд ќе биде и Том Круз, кој ќе го промовира продолжението на „Топ ган“. Тоа ќе биде негово прво доаѓање во Кан по 30 години пауза. Со голем интерес се очекува и премиерата на биографскиот филм за Елвис Присли, во режија на Баз Лурман, а Дејвид Кроненберг се враќа со хоророт „Злосторства на иднината“.

    Форест Витакер ќе ја прими Златната палма за животно дело.

    „Традиција е да ги имаме нашите американски пријатели овдека. Да не заборавиме дека фестивалот беше коизграден и коизмислен од Франција и Холивуд“, изјави директорот на фестивалот Тјери Фремо.

    Фестивалот го отвора новиот филм на оскаровецот Мишел Хазанавициус, кој го промени неговото име од „З“ во „Final Cut“, со цел да се избегнат асоцијациите со руската војска. Организаторите го забранија присуството на руски делегации, но во програмата ќе има и еден руски филм, „Сопругата на Чајковски“ на Кирил Сребреников.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира