СЕГА ПОЛЕСНО СЕ СТИГНУВА ВО ОХРИД, УБАВО Е ШТО СЕ ОСВЕСТУВАМЕ, РЕЧЕ СИМОН ТРПЧЕСКИ НА ИЗВОНРЕДНИОТ КОНЦЕРТ ВО АНТИЧКИОТ ТЕАТАР

    СЕГА ПОЛЕСНО СЕ СТИГНУВА ВО ОХРИД, УБАВО Е ШТО СЕ ОСВЕСТУВАМЕ, РЕЧЕ СИМОН ТРПЧЕСКИ НА ИЗВОНРЕДНИОТ КОНЦЕРТ ВО АНТИЧКИОТ ТЕАТАРАнсамблот „Македонисимо“ следната година ќе прослави 10 години постоење, а досега настапил во над 20 земји, рече Трпчески. (Фото: СДК.МК)

    „Сите си го сакаме бисерот на Македонија, Охрид. Сега полесно се стигнува, а уште полесно ќе се стигнува. Убаво е што се освестуваме полека. Да си помогнеме себеси, да ни е убаво за подобро утре“, рече македонскиот пијанист со светска слава Симон Трпчески на синоќешниот концерт во Античкиот театар во Охрид, зборувајќи за својата посебна поврзаност со градот и за автопатот Охрид-Кичево, кој е во фаза на изградба.

    Трпчески кажа дека Охрид отсекогаш за него бил многу повеќе од место за одмор и дека секое враќање му буди силни чувства.

    „Овде го имав првиот солистички концерт, во 1993-1994 година. А првпат сум на Антички театар по 2010. Секоја година како помлад ја поминував во Охрид и буквално секојпат кога ќе доаѓам нешто ми се буричка внатре, што е нормално. Многумина од нас како деца немавме можност да излеземе надвор од Македонија“, рече Трпчески.

    На програмата беа четири мазурки од Фредерик Шопен и Сонатата бр. 3 од норвешкиот композитор Едвард Григ и „Дивертименто“ од современиот француски композитор Гијом Конесон. Трпчески не беше само зад пијаното, туку меѓу делата ја водеше публиката низ композициите со приказни, спомени и лични асоцијации.

    Во вториот дел следуваше дел од проектот „Македонисимо“, во кој македонската народна музика доби современ израз во аранжманите на композиторот Панде Шахов.

    „Овој сплет раскажува многу за најразлични животни приказни, вклучително и мојата лична. Затоа мајка ми може романи да пишува и да ми раскажува еден куп приказни“, рече Трпчески.

    Во еден дел од концертот, тој ги запеа „Врана коња јавам јас“ и „Не си го продавај, Кољо, чифликот“, заедно со публиката.

    Во првиот ред на концертот беа мајка му Нетка, сопругата Даниела, синовите Стефан и Андреј и ќерката Лара. Додека свиреше, Трпчески често погледнуваше кон нив со насмевка.

    Трпчески кажа дека и дел од неговите колеги дошле со своите семејства, а највоодушевен од Охридското Езеро бил виолончелистот Александар Сомов од Бугарија, кој е дел од ансамблот „Македонисимо“.

    „Тројца од нас сме тука со фамилиите. Влатко Нушев е тука со цела фамилија, дојдоа луѓето од Делчево. Моите дојдоа, господин Александар Краповски дојде со фамилијата од Барселона и Александар Сомов од Бугарија“, рече тој.

    Претставувајќи го виолинистот Александар Краповски, тој рече дека е најголемиот шармер во ансамблот, кој работи во Операта во Барселона.

    Во „Македонисимо“, Хидан Мамудов свири кларинет, саксофон и кавал, а Влатко Нушев е на удиралки.

    Трпчески се присети и на својот покоен татко Ѓорѓија, кој потекнуваше од струшкото село Збажди, каде што во 2022 година го одржа првиот концерт со ансамблот во негова чест.

    „Следната година, ‘Македонисимо’ слави 10 години. Досега бевме во повеќе од 20 светски земји“, рече Трпчески и на англиски јазик ги поздрави странските туристи кои дошле на концертот.

    Трпчески со виолинистот Александар Краповски (Фото: СДК.МК)

    „Добредојдовте во нашиот бисер и ви благодариме што нè поддржувате“, кажа Трпчески. Потоа ги поздрави роднините од страната на татко му, читајќи ги семејствата по презиме, а ги поздрави и сите свои пријатели од Охрид.

    „Понекогаш е тешко да се најдат зборови за ваквите чувства. Тие што биле на мој концерт или што имале можност да комуницираат колку-толку со мене знаат дека јас сум си искрен и си го кажувам она што го мислам“, рече тој.

    Дел од концертната програма беше поврзан и со албумот „Пријателство“ кој е, како што кажа Трпчески, снимен во тешките услови за време на пандемијата.

    Концертот заврши со охридската народна песна „Деспина“, на која запеа  и публиката. (Фото: СДК.МК)

    На бис, тој отсвире неколку песни посветени на Охрид, а гостуваше охридскиот гитарист Дејан Милески. Концертот, кој го организираше продукцијата „Прагма“, заврши со народната песна „Деспина“, на која запеа и публиката .

    Трпчески вечерва продолжува со концерт во Хераклеја во Битола.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира