ШТИПСКИОТ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА НЕ САКА ДА СТАНЕ ЛОКАЛНА УСТАНОВА СО ПЛАНИРАНАТА ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА

    ШТИПСКИОТ ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА НЕ САКА ДА СТАНЕ ЛОКАЛНА УСТАНОВА СО ПЛАНИРАНАТА ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈАНезависно од стратегиите, Домот на културата во Штип треба целосно да се реконструира. (Фото: СДК.МК)

    Поминаа четири години откако беше најавена децентрализацијата во културата, кога Собранието ја усвои Стратегијата за култура 2018-2022 на ниво на цела држава, а во тие рамки и на Домот на културата во Штип како еден регионален центар.  Последните информации што се проширија во градот дека Националната установа Центар за култура „Ацо Шопов“ треба да премине под ингеренции на Општината ги разбранува вработените во областа на културата во Штип.

    Тие сметаат дека не се потребни вакви трансформации затоа што Домот на културата со своето големо значење и со името што го носи на македонски поет и академик заслужува да остане Национална установа. Во нејзини рамки работат Народниот театар и Домот на културата, како посебни објекти кои се наоѓаат на две различни локации во Штип.

    Од Министерството за култура за тоа до каде е постапката за децентрализација за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека сè уште нема правен основ, за што треба да се создадат услови согласно новиот Предлог -закон за остварување на јавен интерес во културата кој е во собраниска процедура.

    Во рамките на Домот се организираат разни други манифестации како што се Биенално студио за цртеж, Детскиот театарски фестивал. (Фото: СДК.МК)

    „Во насока за подготовка за оваа сложена и долготрајна операција, во изминатите години по Акцискиот план на Стратегијата во културата 2018-2022 година, Министерството за култура на формираше интер-ресорска работна група која ги сумираше податоците од ЕЛС (единиците на локалната самоуправа) за нивните оценки за досегашниот процес на децентрализацијата во културата, кој е почнат во 2005 година, и од извршената анкета за интересот на ЕЛС за натамошна децентрализација на дел на националните установи на локално ниво. Изготвени се евалуација и анализа кои се база за натамошен дијалог помеѓу институциите, централната и локалната власт по прашањата кои се отвораат во делот на на матерјално-финансиското и кадровското уредување“, ни рекоа од кабинетот на министерката Ирена Стефоска.

    Усвоената стратегија која стои и на веб-страницата на Министерството за култура, содржи повеќе констатации за состојбата во културата и насоки за развој и трансформации. Така, во стретегијата се вели дека сегашниот културен амбиент не нуди цврсти основи за систематско стратегиско планирање што ќе се темели на јасни показатели за степенот на културен развој како и на одделни стратегиски документи за развој во други области.

    Исто така, биле утврдени слабости во културната политика која како што е оценето креирањето не е доволно транспарентно. Има слабости и во финансиските политики и се смета дека распределбата на државниот буџет за култура не се темели на оцена на спроведената програма, ниту на поставување на јасни цели и критериуми.

    Овој официјален документ содржи и оценка дека постојат слабости и во организационите модели и дека отсуствуваат иницијативи за суштинска реформа на културниот сектор особено во поглед на децентрализацијата. За оваа трансформација пред две години била формирана и посебна комисија.

    „Комисијата почна да работи, но одржа само една средба на која беа договорени насоките за регионално делување на членовите. Јас, почнав со скенирање на состојбите во источниот регион и тоа со најголемиот Центар за култура ‘Ацо Шопов’  во Штип. Но, по првиот состанок повеќе комисијата не беше свикана, па самата децентрализација всушност оттогаш наваму тапка во место без да ни се објасни зошто иако на неколку пати се обидував да добијам информации за тоа“, вели членот на Државната комисија за децентрализација Горги Устапетров кој е и актуелен претседател на Управниот одбор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.

    Штипската локална самоуправа смета дека евентуалните надлежности врз Домот на културата ќе значат оптоварување на општинскиот буџет. (Фото: СДК.МК)

    Според него, било предвидено Домот на културата во Штип да премине во надлежност на локалната самоуправа, а Народниот театар да остане национална установа. Но, и за оваа национална установи се планирале внатрешни транформации во функционирањето и наградувањето затоа што од 40 вработени во Центарот, работните ангажмани на режисерите, актерите не биле исти, а платите истоветни без да постојат некои дополнителни програмски активности.

    Штипската локална самоуправа смета дека евентуалните надлежности врз Домот на културата ќе значат оптоварување на општинскиот буџет, а и за оваа трансформација и децентрализација Општината досега не добила никакво официјално известување или некакво барање.

    „Буџетот за оваа година веќе е утврден и такви нови ставки не се предвидени. Ние мораме да направиме сликање на состојбата, колку изнесуваат севкупните финансиски средства за плати и одржување кои со оглед на големината на објектот тие се мошне високи, а за тоа прашање треба да се изјасни и највисокиот општински орган на локалната самоуправа“, вели преставникот на Советот на Општина Штип Јане Миланов.

    Градоначалникот Сашко Николов смета дека тоа прашање мора да се реши заедно со ресорните министерства кои мора да учествуваат во утврдувањето на финансиите за нормално функционирање на Домот, а и тоа треба да се оцени дали во оваа фаза е неопходна таква трансформација затоа што тогаш Домот на културата навистина ќе го изгуби националниот карактер и статус.

    Дали, сепак, ќе дојде до трансформација на Домот на културата и како таа ќе се одвива не знае ниту директорката на Центарот на култура во Штип Кате Мишева.

    „Само за загревање на салите и фоајеата на Домот и на канцелариите што ги има месечно се потребни над 30.000 денари. Неопходни се и реконструкции и на кровната конструкција, но и на главната сала. Затоплувањето е сериозен проблем меѓу другото заради тоа што пред повеќе од една деценија кога јас не сум била директор на Центарот преку ноќ ги снемало радијаторите на кои им се губи секаква трага, иако случајот бил пријавен до сите надлежни служби“, вели Мишева.

    Таа додава дека најголемиот проблем е одржувањето. Во рамките на Домот се организираат разни други манифестации, како што се Биенално студио за цртеж, Детскиот театарски фестивал, а во Домот се сместени и списанието „Дело 74“ , КУД „Ристо Донев-Учителот“ и други граѓански здруженија и организации.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира