ШТИПСКИТЕ АРХЕОЛОЗИ СО НОВИ ИСТРАЖУВАЊА НА БИЛАЗОРА И БАРГАЛА, КОЈА СЕ УРЕДУВА КАКО ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА

    ШТИПСКИТЕ АРХЕОЛОЗИ СО НОВИ ИСТРАЖУВАЊА НА БИЛАЗОРА И БАРГАЛА, КОЈА СЕ УРЕДУВА КАКО ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈАБилазора кај Свети Николе датира од 217 година пред н. е. (Фото: СДК. МК)

    Археолозите од Завод и Музеј Штип, своите пролетни активности ги започнаа со нови истражувања на повеќе локалитети како што е потплачковичкиот Баргала како еден од најголемите и со големо историско значење на овие простори и археолошкиот локалитет Градиште-Славков Дол и Билазора кај светиниколското село Кнежје кој датира пред нашата ера.

    „На Баргала ги завршуваме проектите за комплетно уредување оградување и осветлување на овој значаен археолошки локалитет за да биде туристичка атракција и место за разни културно-историски настани во кое било време од деноноќието, но во истовреме ги продолжуваме активностите и околу новите истражувања на исто така значајниот археолошки локалитет Вилазора ( Билазора) кај Свети Николе кој датира од 217 година пред. н. е.“. вели директорот на Завод и Музеј, Мите Штерјов.

    Според негп, локалитетот Градиште или Билазора кај селото Кнежје кое од Свети Николе е оддалечено 4 километри се простира на археолошка површина поголема од 20 хектари и претставувала населбен простор од 7 до 2 век пред н. е.

    Историските податоци говорат дека два значајни датуми во историјата на Античка Македонија се поврзуваат со градот Вилазора од 217 година пред н. е. кога македонскиот крал Филип Петти ја обновил нејзината утврдувачка мрежа и 168 години пред н.е во времето на македонскиот крал Персеј. На овие простори најстарата населба е од железното време.

    „Од тој период 5 и 4 век пред Христос, целиот населбински простор бил заштитен со единствен фортификациски систем и тоа посебно околу акрополата, Северната влезна врата, делот од Владетелската палата во северната половина на Акрополата, градбите во дворски стил откриени исто така во северната половина на Акрополата“ вели Штерјов.

    Денес, во чест на 18 април, Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети,  Завод и Музеј Штип, како и сите национални институции од областа на заштитата на културното наследство ги отвора бесплатно вратите на сите локалитети, Уметничката галерија Безистен каде има постојани изложби, Музејот на восочните фигури во Штипско Ново село и  вратите и на Музејот во центарот на градот кој располага со три поставки, историската, археолошката и етнолошката. Таму може да се види и најстариот археолошки скелет пронајден пред десетина години кај селото Крупиште, а кој според меѓународните научни испитувања датира пред 7.000 години.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира