Шведскиот режисер Рубен Остлунд, двоен добитник на престижната Златна палма, ќе биде претседател на жирито на 76. Кански филмски фестивал. За неговиот последен филм, „Триаголник на тагата“, Остлунд лани ја доби Златната палма, а годинава има и две номинации за Оскар, за сценарио и за режисер. во 2017 тој победи во Кан и со „Квадратот“. На канскиот фестивал има учествувано и со два други филма, од кои за едниот ја доби наградата од жирито.
„Среќен сум, горд и почестен што ми е доверена честа да бидам претседател на жирито за годинашната селекција во Кан“, изјави Остлунд, кој по 50 години ќе биде првиот Швеѓанец на чело на жирито, после Ингрид Бергман.
„Никаде во филмскиот свет, исчекувањето не е толку силно како кога се крева завесата на филмовите во конкуренција на фестивалот. Привилегија е да се биде дел од него, заедно со канската публика. Искрен сум кога велам дека кинокултурата е во својот најважен период досега“, вели Остлунд.
„Со поканата до Рубен Остлунд да претседава со жирито, фестивалот во Кан сака да им оддаде почит на филмовите кои се бескомпромисни и искрени и кои постојано бараат гледачите да се предизвикуваат себеси и уметноста да продолжи да се реобмислува“, соопшти Фестивалот.