„Силјан“, третиот документарец на Тамара Котевска, кој на 29 август имаше премиера вон конкуренцијата за награди на 82. Венециски фестивал, ја освои независната паралелна награда „Филм и уметност“ (Cinema and Arts Award) за најдобар филм наречена и „Награда за муза“. Награда за најдобар филм доби и документарецот за Газа „Кој е уште жив“ на Николас Вадимоф, а специјално признание како мултидисциплинарни уметници добија Мортеза Ахмадванд и Фирузех Хорсовани од Иран. Наградата ја доделува Асоцијацијата Каламбур театро во соработка со Атеатро Експерименталниот центар академија „Елеонира Дусе“.
Паралелните награди ги доделуваат организации кои не се поврзани со Венецискиот фестивал, за нив одлучува независно жири и за нив се квалификуваат сите филмови кои играат во официјалните програми на Венеција, без оглед дали се во или вон конкуренцијата за награди. На ова издание на Венецискиот фестивал ќе се доделат вкупно 42 различни паралелни награди. Mеѓу нив е и наградата на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ.
Главните награди, Златен лав и останатите во селекциите на 82. Венеција, ќе се доделат на 6 септември.
„Ова е мојот најважен филм досега, затоа што во секоја смисла беше најголемиот предизвик за мене и како режисерка и како продуцентка на документарци. Го започнав во време кога филмската индустрија во мојата земја беше во длабока криза, и токму затоа решив да тргнам сама, не сакав да стојам во место. Филм започнат со толку лична инволвираност и страст, за само две години прерасна во она што е денес. ‘Силјан’ е моја лична приказна, поврзана со моите корени и мојата култура, и затоа можев толку искрено да ја преточам во овој храбар и артистички филм,“ изјави Тамара Котевска за време при доделувањето на наградата во Венеција.
„Силјан“ е филм за иселувањето во источна Македонија, снимен во Овчеполието. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан, кое по кавга со татко му се претвора во штрк и заминува од дома, филмот е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк.
Котевска, која има 2 номинации за Оскар за документарецот „Медена земја“, вели дека и во овој филм сакала да продолжи со пристапот на снимање применет во „Медена земја“.
„Мојата страст за документарци е длабока и секогаш се обидувам да најдам друг пристап во снимањето. Реалноста е многу креативна сама по себе и магична и верувам дека има повеќе од она што вообичаено го гледаме во документарци. Задоволство ми е да најдам друга структура во снимањето. Во ‘Медена земја‘ имавме можност да менуваме стандарди и тој експеримент стана многу успешен и затоа сакав да продолжам на тој начин, да поминам доволно време со ликовите, да се зближиме и да добијам многу материјал“, кажа Котевска на прес-конференцијата во Венеција пред светската премиера.
По премиерата, „Силјан“ доби многу позитивни рецензии. Меѓу нив, „Индивајар“ рече дека е „Триумф… Болно прекрасен… Одличен документарец кој е и заносно поетско дело…“. „Холивуд рипортер“ рече дека е „апсолутен шармер, трогателен поглед на врската меѓу човек и птица, со сите нејзини мистерии, топлина и практични предизвици“. „Скрин дејли“ вели „Извонредно…импресивно достигнување: прекрасна и нежно меланхолична поезија за еден нежно меѓусебно поврзан екосистем нарушен од притисоците на современиот живот во Македонија…“. „Скрин интернешенел“ вели дека „Силјан“ е „извонредно и импресивно достигнување“ и филм што би можел да биде фаворит на фестивалите и да се најде во трка за награди“.
„Силјан“ ќе има северноамериканска премиера на фестивалот во Торонто на 6 септември во документарната селекција за награди.
Филмот е сниман 3 години и Котевска сама го има започнато од идеја до продукција. Таа е и режисерка и продуцентка на филмот во копродукција со американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“, останати продуценти се Жан Дакар кој е и кинематографер на филмот, како и Јорданчо Петковски и Ана Хашми, а монтажер е Мартин Иванов. Во филмот нема учество од македонската Агенција за филм.
Истовремено, Котевска на Венецискиот филмски маркет од денеска до 31 август пред финансиери и дистрибутери ќе го претстави својот нов, четврти документарец „Мамутите кои избегаа од царството на Елрих хан“ снимен во Сибир. Филмот е за сибирското шаманско племе Долгани во кое постои конфликт меѓу одгледувачите на ирваси и ископувачите на мамутски заби, на последната точка на северот на планетава на која сè уште има цивилизација.
Минатиот месец Котевска го заврши снимањето на својот прв игран филм „Човек против јато“.