СИТЕ ЕДВАЈ ЧЕКАМЕ ДА СЛУШНЕМЕ ГЛАС НА СЦЕНА, ВЕЛИ МАРЈАН НЕЌАК ЗА ПРВАТА ПРЕМИЕРА ВО МНТ ГОДИНАВА

    СИТЕ ЕДВАЈ ЧЕКАМЕ ДА СЛУШНЕМЕ ГЛАС НА СЦЕНА, ВЕЛИ МАРЈАН НЕЌАК ЗА ПРВАТА ПРЕМИЕРА ВО МНТ ГОДИНАВАНеќак во МНТ ја постави музичката драма „Само глас“, чија премиера е на 26 мај. (Фото: К. Галевски)

    Современата музичка драма „Само глас“ од младата авторка Нина Плавањац, во режија на Марјан Неќак, премиерно ќе се изведе в среда во Македонскиот народен театар (МНТ). Тоа ќе биде прва премиера во МНТ за оваа година.

    Ликот на Таа го игра Звездана Ангеловска, а во улогата на Тој со снимен глас се појавува Никола Ристановски. Игра и балетанот Мирослав Митрашиновиќ. МНТ најавува дека ова е приказна за силна и талентирана жена, која го доживува најпонижувачкиот момент во својот живот, борејќи се за сопствениот идентитет.

    Во разговор со САКАМДАКАЖАМ.МК за тоа какво е чувството после повеќе од една година да се вратат на сцена и да ја имаат првата премиера во МНТ после толку рестрикции и затворања, Неќак вели дека огромно задоволство е да се сонува и креира со Ангеловска и Ристановски. Процесот го почнале онлајн и долго време работеле така.

    Плакатот за претставата е на графичкиот дизајнер Зоран Кардула. (Фото: МНТ)

    „Mожеби пандемијата ни даде време повеќе да се посветиме на суштината, но исто така секој ден беше исполнет со неизвесност, пред секоја проба се прашувавме за нашето здравје. Но еве нѐ пред крајот на процесот за кој сум сигурен дека ќе продолжи и после премиерата, бидејќи со овие чудесни актери можете да создавате бесконечно, впрочем, на таков начин ги работам моите претстави, креацијата не запира на последната проба. Радува фактот што проектот ќе има контакт со публиката која нестрпливо очекува да се угаснат работните светла во театарот и да започне магијата и да слушне само глас“, ни рече Неќак, автор на музиката, сценограф и дизајнер на светлото.

    Текстот е на 25-годишната Плавањац, со која се запознале пред две години, и која го воодушевила Неќак со, како што вели, талентот и зрелоста.

    „Идејата за оваа тема ја имав спакувано одамна само чекав вистински импулс и секако мајстор во драматургијата, а за Нина мислам дека има стара душа и дека може да пишува буквално сѐ. Музичкиот театар бара голема поткованост во драматургијата, со леснотија менување на начинот на пишување од драмски во поетичен, прозен“, додава тој.

    Неќак е режисер на „Само глас“, како и автор на музиката, сценограф и дизајнер на светлото. (Фото: К. Галевски)

    МНТ најавува дека во оваа претстава се поставува прашањето за осаменоста и празнината. Прашања кои се актуелни година дена со ковид пандемијата.

    На прашањето што му беше важно да претстави, како да се најдат луѓето себеси после сѐ што поминавме, Неќак вели: „Низ призмата на осаменоста раскажавме една приказна која сите ние во оваа бранша ја живееме и искрено сакав да направиме приказна за нас уметниците, за нашите падови и подеми за кои публиката ништо не знае, но во исто време дожививајќи ја оваа претстава ќе може да се поисовети со себе, бидејќи да не заборавиме, и уметникот е човек“.

    Текстот го преведе Ангеловска, преводот на песните од англиски јазике на Елена Китановска, видеодизајнер е Марин Лукановиќ, а костимографка е Наташа Павлиќиќ.

    Следните изведби се закажани на 27 и 29 мај.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира