Скопскиот џез фестивал (СЏФ), Офф-фест и Златно славејче годинава се поддржани уште во првичните резултати од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2020 година по дејности и области. Министерството за култура доцна синоќа ги објави резулатите од Конкурсот.
Наведените фестивали лани првично не поминаа на конкурсот, бидејќи како што велеа тогаш од Министерството кога министер беше Асаф Адеми, овие најстари и најреномирани институции не ја имаа доставено комплетната документација. По неколку дена, од комисијата за музичка дејност признаа дека згрешиле со Златно славејче и дека ќе добие пари, а по еден месец од објавувањето на резулатите и поднесените жалби, СЏФ доби 3 милиони денари, а Офф-фест 1 милион денари.
СЏФ годинава ќе добие 5 милиони денари за нивното 39. издание и 2.5 милиони денари за 19. Офф-фест.
„Авалон продукција“ доби 1.5 милиони денари, Здружението за љубители на ромска музика Романо-Ило ќе прави мјузикл за Есма Реџепова за 400 илјади денари, Културниот центар Еурека ќе работи инклузивна претстава „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ за 150 илјади денари, Здружението Артал од Тетово доби 1.800 илјади денари за Меѓународен фестивал Меридианс, а фестивалите Макфест и Нота-фест се поддржани со по 2 милиони денари.
Инбокс ентертеинмент од Гоставар ќе добие 3 милиони денари за второто издание на фестивалот Парк, а „Баги комуникации“ 600 илјади денари за јубилеен концерт на примадоната Весна Ѓиноска-Илкова.
На конкурсот пристигнале повеќе од 4.000 апликации доставени од физички лица, установи од областа на културата (локални или приватни), единици на локалната самоуправа, здруженија, сојузи, асоцијации, трговски друштва, трговци поединци и други правни лица регистрирани за вршење дејности од областа на културата
Претседатели на комисиите кои ги разгледувале пристигнатите пријави по одделни дејности се: за литература и издавачка дејност – Бертон Сулејмани, за драмска дејност – Ирена Стеријовска, за фолклор и сценско-уметничка дејност – Арлинда Калиси, за музичка и музичко-сценска дејност – Јане Бакевски, за визуелни уметности, архитектура и дизајн – Трајче Блажевски, за интердисциплинарни проекти – Артан Исмајли, за меѓународна дејност – Џемил Бектович, за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра – Миле Велчовски, за музејска дејност – Фаница Велјановска и за библиотечна дејност – Авзи Мустафа.
„Поддржани се издржани и добро аргументирани проекти, конципирани со квалитетни уметнички содржини, проекти преку кои се негуваат и поттикнуваат културниот диверзитет, уметничкото творештво и културниот развој. Значајна поддршка е дадена и на проектите преку кои се промовираат еднакви можности за сите (мултикултурни вредности во општеството, родова рамноправност, инклузија на лица со посебни потреби, социјално ранливи групи)“, велат од кабинетот на министерот Хусни Исмаили.
За проектите што се избрани и за проектите што се одбиении се донесуваат решенија. Во согласност со член 65 став (5) од Законот за културата, против добиеното решение може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Б. НЕСТОРОСКА