СКОПСКИОТ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ НАЈАВИ САМО ЕКСКЛУЗИВНИ КОНЦЕРТИ ЗА ОВАА ГОДИНА

    СКОПСКИОТ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ НАЈАВИ САМО ЕКСКЛУЗИВНИ КОНЦЕРТИ ЗА ОВАА ГОДИНАСовремен џез ќе доминира и на годинашното издание на фестивалот, најавија Оливер Белопета и Костадин Шурбановски (Фото: Г. Конев)

    Серија ексклузивни концерти ќе можат да се проследат на претстојното, 37. издание на Скопскиот џез фестивал, што се отвора в четврток и ќе трае четири дена. Директорот на Фестивалот, Оливер Белопета, го употреби овој израз на денешната прес-конференција за да го потенцира фактот дека учесниците не доаѓаат во Македонија во рамките на европска турнеја.

    „Годинава имаме многу ексклузивна програма, во смисла што речиси сите имиња доаѓаат само за овој концерт, а не во рамките на европските турнеи. Тоа е една од главните карактеристики на годинашниот фестивал, што го издвојува од минатогодишните изданија. Фестивалот годинава е целосно ориентиран кон современ џез, што е една тенденција од последните години. И самиот џез полека се трансформира и меинстримот што го знаеме од последните децении веќе речиси и го нема. Џезот се движи кон една импровизирачка и креативна иднина и такви се и музичарите кои ќе настапат оваа година. Имаме широка понуда на навистина клучни луѓе за ваква програмска ориентација“, кажа Белопета.

    Тој најави врвни гитаристи, тапанари и трубачи, а меѓу поспецифичните учесници ги издвои норвешкиот женски вокален октет „Трондхајм воисис“ и Трстон Мур, кој по распадот на „Соник јут“, се префрли во џез водите.

    И додека полноќните концерти ќе се одржуваат во Денсинг салата на Младински културен центар, поголемиот дел од програмата е во Македонската опера и балет и Белопета појасни зошто го избрале овој простор.

    „Ја избравме Македонската опера и балет, затоа што салата во Македонската филхармонија има многу лоша акустика“.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира