СКРИЕНО ФИЛМСКО БОГАТСТВО ГИ ОТКРИ ТАЈНИТЕ НА СКОПЈЕ, НА 13 НОЕМВРИ ПРЕМИЕРА НА КРАТОК ФИЛМ СТВОРЕН ОД ЛИЧНИ АРХИВИ НА СКОПЈАНИ

    СКРИЕНО ФИЛМСКО БОГАТСТВО ГИ ОТКРИ ТАЈНИТЕ НА СКОПЈЕ, НА 13 НОЕМВРИ ПРЕМИЕРА НА КРАТОК ФИЛМ СТВОРЕН ОД ЛИЧНИ АРХИВИ НА СКОПЈАНИЗа колажот на видеа, проект на „Вардар филм“ и Кинотеката, авторката Катерина Габунија одбрала материјали од десетина семејства. Материјалите се од различен тип: родендени, свадби, прошетки, излети. (Фото: „Вардар филм“)

    Тајните на градот и неговиот развој низ децениите е темата на краткиот филм „Тајните архиви на Скопје“, чија премиера е на 13 ноември во 18 часот во Кинотеката. Носител на проектот е Филмскиот центар „Вардар филм“ во соработка со Кинотеката, а е инициран, конципиран и координиран од Катерина Габунија. Целта на проектот е да им се претстави и доближи на младите генерации Скопје од пред неколку децении.

    „Едно Скопје полно љубов, едно мирно Скопје кое во исто време во себе го содржи целиот жагор на скопјани. Целта не е само визуелно (преку снимки) да им го претставиме градот на новите генерации, туку и на емотивно ниво да го разберат животот на скопјани“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Габунија, која материјалите за филмот ги собирала по пат на јавен повик по социјалните мрежи и интернет порталите.

    „На мое изненадување одзивот беше голем, уште ми се јавуваат граѓани и ги носат своите 8мм ленти. Тоа ми дава мотив за продлабочување и продолжување на проектот. Бидејќи идејата на овој проект беше Скопје и скопјани, во приватните архиви го барав белегот на градот, на скопските маала, ‘На-Ма’, Плоштадот, Коцка, Кермес и начинот на животот на скопјани“, вели Габунија.

    „Секоја лента е едно огромно богатство за секој од нас. Не можете да замислите какво е чувството кога за прв пат гледате што всушност има на една лента“, вели Габунија. (Фото: „Вардар филм“)

    За овој видеоколаж, таа одбрала материјали од десетина семејства. Материјалите се од различен тип: родендени, свадби, прошетки, излети.Mа теријалите кои ги добивале не можеле да ги селектираат хронолошки, бидејќи многу од граѓаните воопшто не знаеле што има на лентите кои ги снимале нивните родители. Затоа, авторката одлучила нарацијата да ја поврзе со Скопје низ четирите годишни времиња.

    Откако биле собрани материјалите, следела дигитализацијата и дигиталната обработка, на што работел Александар Трајковски. Обработката на тон е на Сашко Потер Мицевски, а гласот на Дарко Ристовски. Идејата на проектот, кој е поддржан од Град Скопје, е да не се влијае дополнително на материјалите, ниту пак да се врши измена во монтажата, туку да се прикажат истите во реално светло, онака како што пред неколку децении  биле првично монтирани и режирани од самите протагонисти.

    „По разгледување на дигитализираните снимки, се продолжи со селекција на материјали како и нивна монтажа. Со секое разгледување на снимките, морам да признаам дека емотивно се поврзав со секое семејство, со секој лик во него. Поради тоа и кратењето на материјалот ми беше доста тешка задача. По изборот на материјали веќе имав и јасна слика за наративниот дел на проектот. Личната приказна на моето детство и тоа што претставува овој град и начин на живеење, за мене го надополнив со приказните што ги гледав на снимките“, вели Габунија.

    Целта на проектот е да им се претстави и доближи на младите генерации Скопје од пред неколку децении.  (Фото: „Вардар филм“)

    На нашето прашање кои се тајните архиви на Скопје, таа вели дека тоа се сите 8 мм ленти кои поради неможноста за нивна дигитализација, стоеле заборавени во некое ормарче.

    „Секоја лента е едно огромно богатство за секој од нас. Не можете да замислите какво е чувството кога за прв пат гледате што всушност има на една лента! Чувството кога ќе се види изложба од пред 30 години на која присуствувале уметници, професори кои за жал повеќе не се со нас, чувството кога ќе се види Скопје со калдрма и Дебар Маало со куќички. Но, не е само емотивната приказна. Тајните архиви на градот го прикажуваат и културниот развој на Скопје низ децениите. Со архивирање и дигитализирање на филмски ленти, ќе се доближат овие културни добра и вредности до граѓаните. Исто така, ќе бидат достапни за употреба и секаков вид на презентации и истражувачки трудови“, рече таа.

    Покрај проекцијата на 13 ноември во Кинотека, закажана е проекција и на 17 ноември во Кино Култура, а се очекуваат проекции во декември.

    „Бидејќи сѐ уште добиваме материјали, се надеваме на поддршка од Град Скопје и за уште еден ваков проект“, вели Габунија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира