Раперот Марко Маринковиќ-Слаткаристика на Фејсбук објави дека со екипата се откажуваат од поддршката доделена од Агенцијата за филм за биографскиот музички документарец на режисерот Радован Петровиќ и „ОХО продукција“. Проектот доби 1,5 милиони денари (24.000 евра) на Конкурсот на Агенцијата за филм за 2026 во прв рок, чии резултати беа објавени на 29 мај. Режисерот Петровиќ, исто така на Фејсбук, објави дека целосно ја поддржува одлуката на Маринковиќ.
Откако проектот доби подршка од Агенцијата за филм, имаше гласни критики од јавни личности блиски до власта, по што на 30 мај Министерството за култура, сосем без преседан, појасни дека „Слушни ме“ не е филм кој се занимава исклучиво со музичката кариера на Слаткаристика, еден од најпопуларните македонски хоп-хоп музичари, туку преку неговата лична приказна ја отвора темата за говорните и комуникациските потешкотии кај децата и младите.
Агенцијата за филм не даде коментар, но во информацијата за резултатите од Конкурсот кажа дека „Слушни ме“ ја отвора темата за лицата со говорни и комуникациски потешкотии и нивното место во општеството.
Слаткаристика, кој како дете пелтечел, отворено говори за проблемите кои ги имал поради тоа и како се справил.
„Деновиве читам секакви коментари и вести. И повторно гледам колку лесно судиме, а половично знаеме или воопшто не знаеме. Сакам една работа да биде јасна… ниту барав, ниту мене ми се доделени пари. Поддршка доби документарен филм и еден многу посветен тим кој веќе две години работи на приказна што преку мојот живот зборува за многу повеќе од мене. И искрено сум благодарен на Комисијата од Агенцијата за филм која ја препозна важноста на оваа тема. Но, не сакам проектот кој зборува за разбирање, прифаќање и поддршка да започне со поделби. Затоа одлучивме филмот да се реализира без средствата доделени од Агенцијата за филм. Продолжуваме понатаму… Заедно со сите наши поддржувачи, соработници и пријатели на кои сум им неизмерно благодарен. И со најважната поддршка од вас луѓето кои ме сакаат, почитуваат и ценат. Светот ќе го чуе гласот на најтивките. Се гледаме на премиера“, објави на својот фејсбук профил Маринковиќ.
„Благодарност до Агенцијата за филм што ја препознаа искреноста и квалитетот на нашиот филм. Ќе направиме сѐ за да создадеме добар филм“, објави режисерот Петровиќ поддржувајќи ја одлуката за враќање на парите од Агенцијата за филм.
Министерството за култура во реакцијата кажа дека проектот веќе има обезбедено значителен дел од финансиската конструкција преку спонзорства и партнерства, како и поддршка од програмата Креативна Европа МЕДИА, Министерството за здравство и ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација.
Директорот на Агенцијата за филм Сашко Мицевски, денеска ни изјави дека во случај кога продуцентот се откажува од проект согласно Законот за филмската дејност, истото известување/барање се доставува до Управниот одбор со што ќе се поништи одлуката на барање на барателот (правното лице носител на проектот) и средствата се пренесуваат за следниот конкурс, во случајов, за вториот рок во 2026.
Оваа изјава беше во врска со откажувањето од добиената поддршка на уште еден проект од истиот конкурс, „Татко“ на режисерот Јани Бојаџи во продукција на „Револушн продакшн“, кој доби 15 милиони денари (242.000 евра).
Од Агенцијата во информацијата за резултатите од Конкурсот кажаа и дека оваа година за прв пат беше воведен модел на презентација (пичинг) на долгометражните филмски проекти, при што апликантите имаа можност директно да ги претстават своите проекти пред стручната комисија, „со цел поголема транспарентност и унапредување на процесот на селекција“.



