Познатиот ликовен уметник и поранешен претседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) Кирил Ефремов почина на 82 години, соопшти Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ). Ефремов починал завчера на Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип како последица на компликации од ковид-19.
„Во историјата на македонската ликовна уметност ќе биде запаметен како еден од водечките претставници на надреалистичкиот правец во сликарството“, велат од Националната галерија.
Ефремов завршил сликарство во училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, во класата на познатиот сликар и педагог Лазар Личеноски. Завршил Академија за ликовна уметност во Белград.
„Ефремов спаѓа во генерацијата на уметници која го најави своето присуство во современата македонска ликовна уметност, на почетокот на шеесетите години од минатиот век. Тоа беше група на тогаш млади уметници како што беа: Анастасов, Шемов, Перчинков, Ристески, Ѓеоргиевски, Ташковски, Чемерски, Франговски и др. Овие ликовни уметници, повеќето излезени од Ликовната академија во Белград, во годините на седмата деценија од 20. век, го започнаа својот творечки пат, за да понатаму се развијат во зрели уметници кои ги преземаа и ги продолжија современите текови на македонската ликовна уметност. Имал студиски патувања во Париз, во Италија и Швајцарија“, велат од Националната галерија.
Тој беше член на СЛУЈ и на ДЛУМ од 1966. Во 1994 до 1996 година бил претседател на ДЛУМ.
Има реализирано над 50 самостојни и околу стотина групни изложби во земјата и странство. Во 1986 за време на студискиот престој во Париз, реализира самостојна ликовна изложба во галеријата на Интернационалниот град на уметноста во Париз. Како претседател на ДЛУМ во 1996 , повторно релизира самостојна изложба во Париз, заедно со уште неколку ликовни уменици од нашата земја.
Застапен е со дела во постојани галериски поставки во Националната галерија. Музејот за современата уметност во Скопје, Уметничката галерија Куманово и Завод и музеј – Штип. Неговите дела се наоѓаат во сопственост на галериски и музејски збирки во земјата, како и во приватни колекции во: Скопје, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Париз, Лондон, Стокхолм, Берн, Цирих. Застапен е во повеќе енциклопедии, од кои најзначајни се: „Енциклопедија на ликовната уметност на Југославија“, лексикографски завод Загреб 1984; „Кој е кој во Југославија“, Хумус Белград 1969.
Добитник е на најголемата државна награда за сликарство на ДЛУМ „Лазар Личеноски“. Во периодот на поранешна Југославија, добитник е на втора награда за сликање на портрет, на изложбата во Тузла (БиХ), која ја добил за изработка на портрет на Јосип Броз-Тито.