СО АНТИФАШИСТИЧКИ ПЕРФОРМАНС МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ГИ СЛАВЕШЕ ТВОРЦИТЕ КОИ МУ РЕКОА „НЕ“ НА БУГАРСКИОТ ОКУПАТОР

    СО АНТИФАШИСТИЧКИ ПЕРФОРМАНС МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ГИ СЛАВЕШЕ ТВОРЦИТЕ КОИ МУ РЕКОА „НЕ“ НА БУГАРСКИОТ ОКУПАТОРНа мултимедијалниот настан беше претставен и културниот напредок како темел во борбата за ослободување и градење на современата македонска култура. (Фото: Министерство за култура)

    Со мултимедијален настан и дел од глумците од, како што рече министерката за култура Ирена Стефоска, „ неповторливиот и поучен македонски филм ‘Истрел’ – филм инспириран од вистински настани за време на бугарската фашистичка окупација“, Министерството за култура синоќа во дворот на објектот ја одбележа 80-годишнината од првиот истрел – Денот на народното востание на македонскиот народ.

    „Длабок поклон на сите уметници кои се приклучија во Народно ослободителната и антифашистичка борба и ги запишаа, секој низ својот потпис, и болката и бесот и радоста и величественоста на партизанската одисеја“, рече Стефоска. (Фото: Министерство за култура)

    „Осумдесетгодишнината од првиот истрел за слобода е чин за длабока почит и длабок поклон. Отпор достоен за незаборав. Ова е најмалку што Министерството за култура може да го направи во спомен на оние кои со пушка ја создаваа, а потоа и ја одржаа националната култура жива, а со тоа, и сите нас нѐ одржаа во живот. Длабок поклон и почит за сите поети, писатели, сликари, глумци, музичари. На сите уметници кои се приклучија во Народно ослободителната и антифашистичка борба и ги запишаа, секој низ својот потпис, и болката и бесот и радоста и величественоста на партизанската одисеја. Со нас вечерва се дел и од наследниците на тие големи луѓе, антифашисти, кои знаеја колку се важни непокорот и слободата во битката и во закрепнувањето на татковината. Зборот е истрел, но и истрелот е збор“, кажа министерката, која е професорка на Институтот за национална историја при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

    Од перформансот на студентите од ФДУ. (Фото: Министерство за култура)

    Студентите од Факултетот за драмски уметности (ФДУ), од класата на професорката Зоја Бузалковска, изведоа мини-претстава со извадоци од Манифестот на АСНОМ, преведени на повеќе јазици, а ја изведоа и малку подзаборавената песна за Стив Наумов од Сенка Велетанлиќ и Зафир Хаџиманов.

    Писателката Калина Малеска (Фото: Министерство за култура)

    Писателката и професорка Калина Малеска – внука на истакнатиот македонски писател, општествено-политички работник, издавач и револуционер, автор на сценариото на првиот македонски филм „Фросина“, автор на текстот на македонската химна, Владо Малески – раскажа помалку познати факти за тоа како и каде настанала песната „Денес над Македонија“.

    Режисерот и актер Коле Ангеловски кој глумел и во „Истрел“, дел од гостите. (Фото: Министерство за култура)

    Архитектот Бујар Муча – син на еден од најмладите учесници во НОБ, Феми Муча – сподели сеќавања за својот татко чие детство било прекинато со војната, а тој од 13 години продолжил во Револуцијата.

    Архитектот Бујар Муча (Фото: Министерство за култура)

    Финале на настанот беше аудиовизуелното дело „80 години од првиот истрел – кутура и уметност = непокор“. Делото ги опишува борбата и ослободувањето од фашизмот на нашата држава, мрачните времиња, но и желбата за слобода. Претставен е и културниот напредок како темел во борбата за ослободување и градење на современата македонска култура. Делото е продуцирано со 3-Д-мапирање. Режисер и автор е професор Милчо Узунов, а во видеопродукција на „3Д Проект студио“ од Скопје. Делото е составено од повеќе компонирани музички нумери диференцирани во два дела, а нивен автор е реномираниот македонски композитор Кокан Димушевски.

    Костимографката проф. Зорица Тодоровска-Младеновиќ и академик Драги Ѓорѓиев, претседател на заедничката мултидисциплинарна комисија со Бугарија. (Фото: Министерство за култура)

    Стефоска рече и дека цивилизации пропаѓале, држави се распаѓале, територии се грабале, народи се асимилирале, но, никој не успеал да ја уништи културата. Зашто, во културата, вели таа, беше силата на оние кои што се одважија да му речат не на злото, да му речат не на окупаторот, кој прво посегнува по територијата, а потоа по културата, по нашиот идентитет.

    Перо Арсовски, кој глумел и во „Истрел“, дел од гостите. (Фото: Министерство за култура)

    Долга е историјата на македонската борба за слобода, вели министерката, се чини, како сета наша историја да е во насловите како: „Тˋга за југ“ преку „Тешкото“, „Бели мугри“ до „Волчја ноќ“, „Очи “, „Црнила“, „А бре Македонче“, „Пиреј“, „Диво месо“.

    Во публика беше и глумецот Емил Рубен, кој играл и во филмот „Истрел“ (Фото: Министерство за култура)

    „Македонската култура е многу поголема од нашата држава и од траењето на нашите животи. Јубилеите се тука јубилеите – да нѐ  потсетат дека историјата се учи за да не се заборави, за никогаш да не се повтори“, рече министерката Стефоска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира